Неодамна во просториите на музичкото студио „Кларион“, каде и всушност се снимаат песните и се подготвува првото издание на музичкиот фестивал „Фолк Фест Владимирово“, се одржа првата прес конференција по повод информирње на новинарите и јавноста за она што се планира и треба да се случува во идниот период, а е поврзано со овој музички фестивал.
„Сите ќе се запрашате зошто оваа прес конференција ја одржуваме денес, вака рано во 2024-та година. Имено, целата е песните да ги снимиме најдобро што умееме и знаеме, да ги продуцираме најдобро што знаеме, да ги отпееме, да ги отсвириме… и да можат на националните медиуми да се вртат барем пет месеци пред одржување на фестивалот. И така да, само фестивалот како фестивал на 29-ти мај ќе биде егзекуцуја на она што ќе го направиме. Јас сакам од срце да се заблагодарам на прекрасните мои пријатели, пред се колеги музичари, Миле Барбаровски, Валентино Бенедети, Никола Митровиќ со кои што денес поставивме мислам девет убави композиции кои што се темелат на македонското, што би рекле ние – тргна работата. Утре ќе ги завршиме матриците и потоа оди сето останато, хронолошки како што треба да оди“, изјави Маестро Горан Алачки, идеен творец на музичкиот фестивал „Фолк Фест Владимирово“.
Како што и самиот тој вели, целта на оваа академија на доајени на македонската музика кој го подготвува „Фолк Фест Владимирово“, е да се постават како што велат повозрасните – маркери на македонштината кои што се малку повеќе заборавени и да се остави нешто зад себе, за младите генерации да имаат од каде да се потсетуваат дека се македонци кога ќе ја интерпретираат македонската музика. А во иднина да не слушаме стари македонски песни кои не личат на себе. Тука пред се се мисли и од инструмантелен и од вокален карактер, како и од аранжмански карактер.
На првото фестивалско издание на „Фолк Фест Владимирово“ ќе има вкупно 12 композиции, а истите ќе ги отпеат познати македонски музички имиња меѓукои ќе ги споменеме: Перо Христов, Благоја Груевски, Драган Мијалковски, Жаклина Узунова, Круме Спасовски, Виданка Георгиевска… и уште многу други познати македонски изведувачи.

„Во отсуство на национална продукција, а сите многу добро знаете дека националната музичка продукција е во Македонската Радио и Телевизија и одамна е укината, одамна го нема оној филтер кој што кажува на себе што е што. До мене седи Благоја Груевски, неговиот татко Матеј Груевски беше доајен на продукцијата на Македонската Радио и Телевизија каде што сите ние моравме да го поминеме филтерот.Сега тоа го нема. Секој снима како сака и што сака. За жал, денес не свири душата, туку свири компјутерот. Компјутерот и новата технологија (вештачката интелегенција) никој пат не може да влезе во духот на македонецот, во духот на нашите неправилни ритмови по кои што не одбележуваат како етникум. За прв пат после долго време, ние денес снимаме без клик – не не води компјутерот.Не води нашата душа и емоција со која што кажуваме дека ние сме ние и дека нашиот музички израз, е малку поинаку од она што налага компјутерот“, вели Маестро Алачки.
Тој напомена и дека „Фолк Фест Владимирово“ нема намера да се натпреварува со ниту еден наш македонски музички фестивал. За него ова претставува фестивал над фестивалите затоа што ова претставува и една смотра, една реч која што ќе ја кажат сите великани на македонската музика.
За време на фестивалот, изведувачите ќе ги придружува неговиот оркестар со легендарните солисти истакнати инструменталисти: Миле Барбаровски на тапани, Валентино Бенедети на гитара, Ристо Краповски на виолончело, Орце Лазаров на мандолина, Никола Митровиќ на контрабас…, а истиот ќе го води познатата и се уште одличната Ели Танасковска, и директно ќе се пренесува на Македонската Радио и Телевизија.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото: Музика24
