После одличниот тетовски концерт во месец март, познатата македонска пејачка Лени Партикова најавува голем солистички концерт во Скопје на 3-ти ноември во Македонската опера и балет. Како што вели самата таа, “Корените македонски да не се заборават” ќе биде вечер на најубавите македонски народни песни.
„Ветуваме убава незаборавна вечер со најубавите македонски народни песни во моја изведба, но и во интерпретација на моите драги колеги кои ќе бидат дел од настанот: Наум Петрески, Владимир Поповски, Анастасија Петреска, Робертино и Наташа Стефановски, Гоце Димовски, “Синтезис” Стефан Котески, Даниел Несторовски, Огнен Здравковски“, открива Лени.
Таа меѓудругото открива дека овој концерт всушност претставува и јубилеен концерт по повод 20 години од постоење и присуство на македонската музичка сцена.
Освен веќе споменатите музички имиња кои ќе бидат дел од големиот солистички концерт на Лени, во позадина ќе ја следи и будно ќе ја парати познатата група од Битола „Молика“, а како дел од концертот ќе бидат и прекрасните играорци од КУД „Шара” од Тетово и Играорното Друштво „7/8” од Ѓорче Петров во Скопје. Како водители на концертот, на сцената ќе се појават Трајче Толевски и Милена Илиевска.
Музика24 е еден од медиумските покровители и партнери на овој концерт, а истиот ќе го снима музичката телевизија Балкан Мјузик и одложно ќе го емитува на својата програма.
