И тоа се случи. 19-ти октомври, денот кога беше закажан спектакуларниот концерт на екстравагантната, скандалозна, сексипилна поп дива Јелена Карлеуша. Додека нашата екипа се движеше кон спортската арена „Јане Сандански” каде и се одржуваше концертот, река од млади луѓе се упатуваа кон местото на настанот. А таму пак, се чекаше ред за да се влезе и секој да си го зграпчи своето место за што подобро да се забавува и да помине убава вечер.

Фактот дека Карлеуша е – и уште долго време ќе го има приматот за балканска “геј икона” се потврди во саботата, кога нашата екипа влезе во салата каде лично можевме да погледнеме дека љубовта е само љубов и дека во која и форма да се случува, љубовта останува љубов.

Уште пред самиот концерт реагиравме за нашето сместување (блок 4, 13-ти ред – некаде најгоре), за што и ПР-от и организаторот на истиот ни одговорија дека каде ни е местото таму треба да седнеме. Разговаравме и со менаџментот на Јелена Карлеуша кој што се зачуди и раменици крена кога му кажавме за што се работи, (веројатно кај нив новинарите се со подобар статус и на повискоко ниво), но колку и да реагираше тој, не залудно рекол македонскиот народ од нашите си патиме. Па пред самиот почеток на концертот кога забележавме дека сме оставени сами на себе некако се стациониравме и со нетрпение го очекувавме почетокот на концертот. Барем двогледи да делеа на самиот влез.
Со некое мало задоцнување на сцената се појавија дечките од ДНК. Искрено, никогаш не сме имале ништо против ДНК и секогаш сме ги подржувале во сите можни музички проекти, но, ДНК пред Карлеуша… некако невозможно-неспоиво. Патем, рака на срце имаа одличен мини концерт со сите старо-нови хитови кои публиката ги знаеше и одлично реагираше на сите нив. Публиката од полузаспана состојба се разбуди и очекувајќи ја ѕвездата на вечерта се забавуваше и со ДНК и со Панчо и Андреј.
Голема енигма ни остана, зошто Панчо носеше јакна во салата?!

По речиси час-час и половина ДНК со песната „Пази се од мене” го заврши својот мини-концерт. Еуфоријата, притисокот и онаа позитивна енергија се повеќе и повеќе растеше… конечно, по 10-на минути се изгаснаа светлата и се слушна врисокот на публиката, она што не може да се раскаже или напише со зборови туку едноставно може само да го доживеете.
Се крена завесата и се појави токму таа, најпровокативната и највозбудлива пејачка во регионот и пошироко, ултрасексапилната Јелена Карлеуша. Концертот го започна со одличната „KarlyBitch” препознатлива за нејзиниот нов двоен албум „Alpha i Omega”, а веднаш потоа продолжи со „Benga”, и ред други хит рефрени. Во светкав фустан и со танчери позади себе им одржа вистинска лекција на сите т.н ѕвезди како се настапува и што претставува вистински професионализам. Во иста фрекфенција и чекор со танчерите се даде себе си на сцената и покажа што е вистински музички спектакл – вистински музички перформанс.

На неколку наврати додека правеше пауза за промена на гардеробата и сцената, организаторите со музика и познати песни од „Макфест 86-87” веројатно сакаа да ни наговестат или да не потсетат дека за неколку дена се одржува Фестивалот на забавни мелодии во Штип. Интересно.
Карлеуша за време на концертот промени пет сценски костими и пет пати им докажа на сите оние кои не веруваа дека ќе направи вистинско шоу. Од страна на публиката и нејзините најголеми фанови одлично беа прифатени добропознатите стари хитови во нова верзија, како и новите песни кои публиката наизуст ги знаеше и во еден глас пееа со неа.
Со песната „Бисер Балкански”, Карлеуша ја постигна целта и еуфоријата и атмосферата во салата ги крена на најможно високо ниво. Таа во рацете го држеше македонското знаме, а откако ја отпеа песната знамето го бакна. Ретко кој изведувач, музичар и познато музичко име го прави овој гест. Секоја чест за постапката и за изборот на македонска песна.
На крајот на концертот Карлеуша се расплака а истовремено доби огромни овации, аплаузи и поддршка од присутната публика, таа само накратко кажа дека премногу и значи овој концерт и дека е премногу благодарна што ги има своите верни фанови. За жал бис не добивме, а останаа песни кои беа и неиспеани и неслушнати.

И на крајот од денот ќе заклучиме само едно. За Карлеуша и нејзиниот концертен перформанс – се најдобро. Организаторите и овој пат паднаа на тестот, дали ќе има поправен – ќе видиме. Можеби некој ќе се согласи со нас или не, но вакви големи спектали и шоу концертни перформанси одамна се немаат случено во Македонија и треба да ги почитуваме и ако ништо друго да дадеме поддршка што почесто да ги има.
Подготви: Иван Јосимовски
