Фестивали

Со квалитетна и убава македонска музика заврши 39-то издание на „Макфест“ (Фото)

Макфест 2024 и официјално заврши. Како што започна, гламурозно, со макфестовска музика, со многу еуфорија, сјај, емоции, овации… така фестивалот на забавни мелодии и дојде до самиот крај.

По неофицијалниот дел со влегувањето во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип и црвениот тепих, стартуваше втората фестивалска вечер на „Макфест“ каде што присутната публика и гледачите на МРТВ уживаа во новите 20 фестивалски композиции. Пет од минатата вечер, и петнаесет ново компонирани. А на сцената оваа вечер водителскиот пар Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски се појавија со хит рефрени од познати македонски макфестовски хитови, што рака на срце беше премногу симпатично, интересно и оргинално.

По најавата на првите пет композиции кои добија и најмногу гласови од минатата вечер – вечер на нови млади надежи, се редеа веќе најавените композиции и добро познати македонски изведувачи.

И оваа година „Макфест“ го задржи она непишано правило – појавувањето на „водителските презентери“ на музичките блокови од по пет композиции. Први на сцената се појавија Стојан Трпчевски – уредник на информативната редакција на Македонската телевизија и познатата македонска водителка Снеже Велков. Трпчевски уште на почетокот сакајќи да се наврати на едно убаво време на „Макфест“, го отпеа хит рефренот на победничката песна „Еден бакнеж“ од Владо Јаневски отпеана на макфестовската сцена во 1994-та година. Меѓудругото, Снеже Велков ги замоли сите присутни да станат и со едноминутен голем аплауз да им се оддаде почит на сите досегашни изведувачи, организатори, дел од организацискиот тим, и сите оние личности кои помогнаа „Макфест“ да биде она што е денес, а за жал тие личности повеќе не се со нас: Кичо Слабинац, Кемал Монтено, Љупка Димитрова, Васил Ангов, Драган Вучиќ, новинарот Трајче Јованов, Мирчо Чуков, Драган Каранфиловски – Бојс, Дуле Милосавјевиќ, Кире Костов, Зафир Хаџиманов, Тоше Проески… Слава им!

Со композицијата „Навика“, младата и убава прилепчанка Александра Трајческа (препознатлива од минатата година), го скрши ледот и настапи прва на сцената после петте композиции од минатата вечер. Таа со својот карактеристичен, интересен и оргинален настап, но и песна, им остави одличен впечаток на сите оние кои присуствуваа во Домот на културата „Ацо Шопов“ и внимателно го следеа фестивалот, а веднаш по неа продолжија и останатите предвидени композиции и изведувачи.

Следни пак „водителски презентери“ кои се појавуваа за време на фестивалот беа: Ангелка Пеева Лауренчиќ, Ранко Петровиќ, Бојан Велевски.

На фестивалската сцена оваа година имавме и чест и привилегија да ги погледнеме и воедно да уживаме во композициите на легендата на македонската забавна музика – засекогаш младиот Дарио Панковски, секогаш позитивната и насмеана Елена Ристеска, рокерски расположената Дани Димитровска, емотивната Ивона Јо, романтичниот Павле Камиловски како и неверојатните Теа и Таско.

„Макфест“ започна со мојот глас. Првата песна на првиот „Макфест“ во 1986-та година беше со купувач на старо – „Старо купувам“, така да што да Ви кажам повеќе. За „Макфест“ ме врзуваат многу убави спомени, многу убави контакти, дружење, убави композиции, убави песни, прекрасни колеги итн. Сите оние млади кои започнуваат со оваа работа да се бават нека го следат својот пат, да го прават она што мислат дека е добро за нив и да не ги поколебаат оние другите што им велат дека токму тоа не е добро за нив. Ако зацртале нешто за себе и мислат дека тоа е вистинскиот стил, вистинската песна, вистинскиот начин, нека го тераат своето и мислам дека тоа е единствениот рецепт. До година е 40-ти „Макфест“, значи тоа е навистина голем јубилеј. Каков и да е и кој и како и да размислува и зборува за еден фестивал, конкретно за „Макфест“, нешто што опстојува 40 години не може да не било добро или да не е добро. Јас се надевам дека „Макфест“ во наредните години повторно ќе се врати на она ниво на кое што беше порано и дај Боже да биде се подобро и подобро“, изјави Дарио, долгогодишен учесник на фестивалот „Макфест“.

„Колку и да не ги сакам фестивалите, сепак, убаво е да се појавиш на најубавиот фестивал во нашата татковина кој што е со најдолга традиција. После 22 години музичка кариера успеав да се решам некако да промовирам песна, сепак фестивалот е ревијален, а јас пак немам натпреварувачки дух. Меѓутоа, да настапам за својата публика, во секое време сум расположена“, изјави Елена Ристеска која што за прв пат настапува на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

Со композицијата „Ти си ми се“ во изведба на Марија Атанасова заврши и музичкиот дел на фестивалот.

Бидејќи со години наназад „Макфест“ е ревијален фестивал и нема победници и доделување на награди, оваа година како најслушана песна помеѓу два фестивали водителите ја прогласија композицијата „Сафир“, во изведба на Малена и Таско. Оваа композиција, односно, изведувачите на истата добија награда во вредност од 120.000 денари (2.000 евра) која на фестивалската сцена беше врачена од страна на Градоначалникот Иван Јорданов. Песната како за одличен завршеток на 39-то издание на „Макфест“ беше изведена уште еднаш, а присутната публика уживаше во „Сафир“ и во одличната изведба на која што се придружија и водителите Маријана и Димитар.

Со ова и официјално заврши 39-то издание на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“. И оваа година имаше многу убави моменти, интересни доживувања, дружења… но и моменти за кои ќе пишуваме на Музика24. Но, како и да е, во ова модерно време човек може да ја сака својата татковина на мал милион начини еден од тие е да ја сака македонската музика и традиција, а да се сака македонската музика и традиција значи да се сака „Макфест“.

Се гледаме догодина на јубилејното 40-то фестивалско издание!

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: