Познатиот рокер Мик Џегер сака повторно да тргне на турнеја со Ролинг Стоунс следната година. Тој изјавил дека концертите на фестивалот Гластонбери во јуни и во Лондон во јули биле одлични и истовремено “прекрасен крај” на турнејата во Европа и Северна Америка. Со него рокерите ја прославија 50-годишнината на групата и Џегер бил толку возбуден од концертите што сакал повторно да тргне на пат.
“Ова лето беше навистина добро за нас. Се чувствувам навистина среќен и си поминав фантастично минатата година. Концертите во Гластонбери и Хајд парк беа прекрасен крај. Би сакал да го повторам тоа искуство”, изјавил рок ветеранот за весникот “Ивнинг Стандард”. Претходно колегата на Џегер во групата, Кит Ричардс, изјави дека рокерите сакаат да направат турнеја и за 60-годишнината на “Ролинг Стоунс”.
“Јас сум бил зависник од многу нешта во одредени моменти од мојот живот. Единственото нешто од што не можам да се откажам, е да свирам со “Ролинг Стоунс”. Не гледам причина да немаме 60-годишнина”, изјавил Ричардс.
Подготви: Александра Блажевска
