Факултетот за музичка уметност (ФМУ) на 6 декември, го одбележа својот 58. роденден со спектакуларен концерт исполнет со разновидна музика, врвни изведби и незаборавна атмосфера во Македонската филхармонија. Настанот започна во фоајето со впечатливата балетска точка „Променад“, изведена од студентите на Катедрата за балетска педагогија, под кореографија на професорката Искра Шукарова.
Концертот беше официјално отворен со изведба на македонската химна, Академската химна и Химната на УКИМ, од страна на Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар при ФМУ, под диригентството на маестро Борјан Цанев.
Деканката на ФМУ, Дарија Андовска, ја истакна силата на музиката како универзален јазик што ги обединува луѓето, дури и во најтешките времиња.
Симфонискиот оркестар продолжи да ја маѓепсува публиката со изведба на првиот став од недовршената Симфонија бр. 8 од Шуберт, како и со делото на Гија Канчели, каде солистки беа Ана Гаштаровска на пијано и Бојана Митковска на виолина. Потоа настапија дувачкиот оркестар, под диригентството на Ангел Спироски, и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, кои ги интерпретираа делата на Бах и Брант, водени од Сашо Татарчевски.
Еден од најдлабоките и најемотивните моменти на вечерта беше изведбата на професорот Драган Даутовски и неговите студенти, кои ја оживеаја македонската народна песна „Со маки сум се родилa“. Публиката бурно ги награди и песните „Ој девојче“ и динамичниот „Танц со сабји“ од балетската свита „Gayane“, во оригинална кореографија на Соња Здравкова-Џепаровска.
Современиот дел од програмата донесе свежа и уникатна енергија со студентите од катедрата за популарна музика, кои со својот џез аранжман на хитот „Smells Like Teen Spirit“ од „Нирвана“, во аранжман на Иван Иванов, предизвикаа уште едни овации од публиката. Вечерта кулминираше со изведбата на „Besame mucho“ од Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, чија сценска поставеност и исклучителна изведба ја обединија публиката во аплауз.
Врз основа на страста, талентот и посветеноста на студентите и нивните ментори, оваа вечер со право беше вистински празник за сетилата – „Музички блесок“ што ќе остане врежан во меморијата на сите присутни.
