Еден од најпознатите и најактивни пејачи на македонската естрада, Јоце Панов, повторно ги израдува своите обожаватели со нов музички проект. Во месец ноември, тој најави дека поминува часови во студио работејќи на нова песна, а ветувањето го исполни.
Песната со наслов „Во туѓина“ деновиве беше објавена на неговиот официјален YouTube канал, а интересно е што истата има и српска верзија со наслов „U Tudjini“. Според самиот пејач, оваа балада е резултат на посветеност, љубов и инспирација, претставувајќи ја како „дел од неговата душа“.
„Ова е мелодија што носи бура од емоции – копнеж, страст, тага, болка… Со оваа песна сакав на публиката да ѝ дарувам нешто посебно, нешто што ќе ги допре сите оние кои ја следат мојата музика повеќе од дваесет години“, изјави Јоце Панов.
Спотот за песната е дело на General Film Studio – Dario Jankovic General, а режисерката Ана Марија Јанковиќ успеала да создаде визуелен приказ кој совршено ги доловува емоциите од песната. Со оваа нова балада, Јоце уште еднаш ја потврди својата посветеност кон квалитетната музика и љубовта кон својата публика.
