Музика на кирилица

По три децении Дац, Александар и Виолета Томовска ја оживеаа легендарната „Заиграј со мене“ (Видео)

По повеќе од една деценија музичка пауза, фолк-иконата Виолета Томовска ја изненади јавноста со нова музичка преработка на нејзината легендарна песна „Заиграј со мене“. Оваа преработка доаѓа како емоционално сеќавање на музичкиот соработник Милан Завков, кој ненадејно го напушти светот минатата година, и како почит кон 60-годишниот јубилеј на Томовска.

Новата верзија на песната, во која учествуваат дуото Дац и Александар, е резултат на визијата на продуцентот Александар Митевски, кој го создаде аранжманот.

„Песната ја оживеавме за сите генерации – повозрасните да се потсетат, а младите да ја откријат“, велат Дац и Александар. Томовска, која ја сними песната со неверојатна леснотија, признава дека ова снимање ја врати во времето кога првпат работеше со Завков.

„Милан беше исклучителен човек и музичар, остави огромна трага во македонската музика. Додека пеев, сликите од 1990 година ми навираа пред очи“, сподели таа.

Оваа преработка, која почнува со оригиналната верзија од 1990 година, е вистинска почит кон Завков и инспирација за новите генерации. Томовска со радост ја прифати идејата, велејќи дека тоа е чест и потврда за нејзината долготрајна кариера, која опфаќа над 1.000 снимени песни и голем број концерти низ светот.

Во духот на јубилејот, Томовска и понатаму останува симбол на македонската музика, носејќи ја својата страст и искуство како инспирација за идните генерации.

Violeta Tomovska ft. Dac i Aleksandar - ZAIGRAJ SO MENE (2024)

Можеби ќе ве интересира: