Културо

„Астибо Биг-бенд“ – Нов живот за џез музиката во Штип

Познатите штипски музичари го формираа новиот џез оркестар „Астибо Биг-бенд“. Оваа иницијатива предводена од музичарот Горан Кавраков претставува обид да се возобнови традицијата на џез музиката во Штип, која пред неколку децении била негувана од оркестарот на КУД „Македонка“. Кавраков изјави дека новиот ансамбл брои повеќе од десет музичари, слично на оригиналниот состав, и има за цел да го збогати музичкиот живот на градот.

„Астибо Биг-бенд“ е резултат на формирањето на Здружението на музичари во Штип. Овој тип на музички ансамбл, познат како биг бенд или џез оркестар, е составен од четири секции: саксофони, труби, тромбони и ритам секција. Повозрасните жители на Штип се сеќаваат дека првиот биг бенд во Македонија беше формиран токму во овој град, под водство на Михаил Нетков, како дел од КУД „Македонка“. Кавраков изрази благодарност до Стојан Троицки, еден од основачите на оригиналниот оркестар, за неговата поддршка и насоки во процесот на формирање на новиот бенд.

Кавраков нагласува дека процесот на оживување на „Астибо Биг-бенд“ не е лесен, но е полн со ентузијазам и амбиција.

„Ќе одиме чекор по чекор, затоа што станува збор за сериозен оркестар. Штипјани го заслужуваат овој оркестар да оживее и повторно да биде гордост на градот“, истакна тој.

Во новиот оркестар ќе учествуваат музичари, професори и студенти од Музичката академија, со цел да се постигне повисоко ниво на квалитет. Пробите ќе се одржуваат во институции каде што се негува музиката, со надеж дека „Астибо Биг-бенд“ ќе стане значајна културна институција во Штип.

Можеби ќе ве интересира: