Одржувањето на 67-то издание на музичките награди „Греми“, закажано за втори февруари, е доведено во прашање поради пожарите кои уште беснеат во Лос Анџелес. Иако „Греми“ традиционално претставуваат гламурозен настан за славење на најголемите уметници и хитови од изминатата година, сегашните приоритети на градот ги надминуваат тие планови.
Организаторите се во процес на дискусии околу можноста за одложување на шоуто кое треба да се емитува на „Си-би-ес“ или за трансформирање на настанот во добротворна акција за собирање финансиски средства. Наредните денови ќе бидат клучни за донесување на конечната одлука, со разгледување на повеќе сценарија.
Во претходните години, „Греми“ беа двапати одложени. Во 2021 година, шоуто беше преместено од јануари до март поради Ковид-19, а во 2022 година, поради варијантата Омикрон, церемонијата беше одложена за април и преместена во Лас Вегас. Соочени со нови предизвици, организаторите и оваа година размислуваат за најсоодветниот начин да го зачуваат духот на „Греми“.
