Некои од најкултните гитари во историјата на рокот ќе бидат изложени во Лондон пред да излезат на аукција, како дел од колекцијата на легендарниот гитарист Џеф Бек, кој почина во јануари 2023 година на 78-годишна возраст. Аукционерот „Кристис“ направи преглед на колекцијата која содржи 90 гитари и десетици други предмети, проценета на повеќе од 1,2 милиони долари.
Меѓу највредните предмети во колекцијата се гитари „Гибсон“ и „Лес Пол“ од 1954 година, кои Бек ги купил во Мемфис во 1972 година. Гитарата која беше на омотот на неговиот џез-фјужн албум од 1975 година се очекува да биде продадена за сума од 425.000 до 610.000 долари.
Вдовицата на Бек, Сандра Бек, изјави дека ѝ е тешко да се раздели од колекцијата, но знае дека Џеф би сакал таа љубов да се сподели со јавноста. На дел од гитарите во колекцијата свиреле некои од најголемите имиња во рокот, како Ерик Клептон, Џими Пејџ и Џими Хендрикс.
Џеф Бек беше двапати примен во Куќата на славните на рокенролот – еднаш со неговиот бенд од 1960-тите и еднаш како соло музичар. Познат по својот уникатен звук и импровизациска вештина, Бек соработуваше со големи имиња како Род Стјуарт, Дејвид Боуви, Стиви Вондер, Тина Тарнер и Џони Деп.
