На 14 февруари, со почеток во 20:00 часот, сцената на Македонската опера и балет ќе биде исполнета со магијата на една од најтрогателните опери на сите времиња – „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини. Под диригентската палка на Бисера Чадловска и во режија на реномираниот Александар Текелиев од Бугарија, оваа класична трагична љубовна приказна ќе оживее пред македонската публика.
За визуелната естетика на претставата се погрижија сценографот Живојин Трајановиќ и костимографката Лира Грабул, додека концерт-мајстор на вечерта ќе биде Климент Тодороски. Хорот на МОБ ќе го водат хор-мајсторите Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога на деликатната Чо-Чо-Сан ќе настапи Сандра Митровска, а како нејзиниот сакан Пинкертон ќе се претстави Зоран Сотиров. Улогата на Шарплес ќе ја толкува Марјан Јованоски, додека во останатите улоги ќе настапат Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Соња Пендовска Мадевска и уште многу други солисти, заедно со хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.
Ова ремек-дело на Пучини маестрално ги спојува елементите на западната и источната музичка традиција, создавајќи композиција исполнета со драматичност и емоции кои допираат до срцето на секој слушател. Како што самиот Пучини изјавил: „Ако не сум трогнат, ако либретото не ми го допре срцето… тогаш тоа не е за мене.“
На овој посебен ден, кога љубовта е во фокусот, „Мадам Батерфлај“ ќе нè потсети на нејзината најголема сила – да инспирира, да разнежни и да остави траен белег во душата.
