На 21 февруари, со почеток во 19:00 часот, најмалите љубители на балетот ќе имаат можност да уживаат во волшебната претстава „Петар Пан“, една од најгледаните детски балетски продукции, во изведба на Националната опера и балет.
Оваа незаборавна авантура, инспирирана од класичната приказна на Џ. М. Бери, ќе оживее на сцената со кореографија на Џејмс Амар од Франција и сценографија и костими на Зоран Костовски и Марија Пупучевска. Солистите и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет ќе ја доловат магијата на Недојдија, каде што Петар Пан, Изгубените момчиња, сирените, самовилите и пиратите ќе ве поведат на незаборавно патување.
Со прекрасна музика, раскошни костими и сценографија што го одзема здивот, оваа претстава ќе ги воодушеви и децата и возрасните. Приказната за „момчето што не сака да порасне“ ќе ве потсети на важноста на фантазијата, слободата и бескрајната детска радост.
