Американскиот музички магазин „Билборд“ ја објави листата на 20-те најдобри пејачки на 21 век, но нејзиниот избор предизвика бурни реакции кај обожавателите ширум светот.
Очекувано, на врвот се најде Тејлор Свифт, која со својата неверојатна кариера, 14 Греми награди и рекорди на топ-листите доминира во музичката индустрија. Веднаш зад неа е Ријана, иако последниот албум „Anti“ го издаде уште во 2016 година. Третото место ѝ припадна на Бијонсе, а во првите десет се најдоа и Адел, Кети Пери, Лејди Гага, Пинк, Аријана Гранде, Мајли Сајрус и Алиша Кис.
Сепак, рангирањето на некои од пејачките на листата не им се допадна на многумина. Најголемо изненадување беше фактот што Бритни Спирс заврши на 14-то место, што предизвика незадоволство кај нејзините обожаватели.
„Бритни дефинитивно треба да биде во топ 10. Таа е кралица на женскиот поп“, „Како е можно Кети Пери да е на петтото место, а Бритни да не е ниту во првите десет?“, беа само дел од коментарите на социјалните мрежи. Обожавателите на Бијонсе исто така реагираа, сметајќи дека таа заслужува да биде пред Тејлор Свифт.
„Мразам кога луѓето ја потценуваат нејзината работа. Бијонсе работи напорно од самиот почеток и заслужува повеќе“, напишаа нејзините фанови.
Дополнителен шок беше што музички икони како Мараја Кери, Џенет Џексон и Мадона не успеаја да влезат во првите десет, што ги натера многумина да ја доведат во прашање објективноста на „Билборд“.
Ова е комплетната листа на најдобрите пејачки на 21 век според „Билборд“:
- Тејлор Свифт
- Ријана
- Бијонсе
- Адел
- Кети Пери
- Лејди Гага
- Пинк
- Аријана Гранде
- Мајли Сајрус
- Алиша Кис
- Кели Кларксон
- Мараја Кери
- Кери Андервуд
- Бритни Спирс
- Били Ајлиш
- Ники Минаж
- Дестинис Чајлд
- СЗА
- Аврил Лавињ
- Кристина Агилера
Иако листата предизвика контроверзии, едно е сигурно – овие уметници оставија неизбришлива трага во музиката на 21 век.
