Во една канадска продавница за плочи е пронајдена ретка снимка за која се верува дека потекнува од раните денови на легендарниот бенд „Битлс“. Ова неочекувано откритие го објави Роб Фрит, сопственикот на продавницата „Нептун рекордс“ во Ванкувер, преку видео на Инстаграм.
„Ја најдов оваа лента пред неколку години и на неа пишуваше „Демо на Битлс“. Сфатив дека е лента од аудиција. Кога ја слушнав првпат, звучеше како мастер снимка. Квалитетот е нереален. Како е можно да го имам ова?“, напиша Фрит.
Видео што го сподели го прикажува квартетот во состав Пол Макартни, Ринго Стар, Џон Ленон и Џорџ Харисон како ја изведуваат песната „Пари“ (Money). Според Фрит, снимките би можеле да датираат од јануари 1962 година, период кога „Битлс“ сѐ уште биле на самиот почеток на својата музичка кариера.
Снимката стигнала до Фрит преку Џек Хершорн, поранешен сопственик на „Машрум рекордс“ во Ванкувер и познат продуцент од 1970-тите. Ова откритие предизвика огромен интерес кај љубителите на бендот и музичките историчари, бидејќи вакви архивски материјали ретко се појавуваат.
Дали оваа снимка ќе донесе нови откритија за почетоците на „Битлс“, останува да видиме.
