Во петок, на 9 мај со почеток од 18:00 часот, Куманово ќе пулсира во ритамот на детската музика. Во големата сала на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи јубилејното, 20-то издание на Фестивалот на детска песна „Распеано детство“, еден од најстарите и најзначајните детски музички фестивали во Македонија.
Оваа година фестивалот носи 18 нови детски композиции, создадени од 15 автори, кои ќе ги изведат талентирани млади пејачи од Куманово, но и гости од Србија и Бугарија, што уште еднаш му дава меѓународен карактер.
Организатор на фестивалот е Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство „Етно Ризница“, а генерална поддршка даваат Советот на Општина Куманово, секторот за култура и градоначалникот Максим Димитриевски.

Генерален медиумски покровител на фестивалот е Македонската Радио Телевизија (МРТ), а како нов медиумски партнер се приклучува и реномираниот и веќе надалеку докажан музички портал Музика24, заедно со повеќе локални и национални медиуми.
„Распеано детство“ не е само музички настан, туку вистински културен мост помеѓу генерации, градови и земји, кој веќе две децении го негува духот на детската уметност и ги инспирира новите генерации композитори, текстописци и изведувачи.
Резервирајте ја петочната вечер за едно посебно доживување исполнето со музика, емоции и насмевки – „Распеано детство“ ве очекува!
