Издавачката куќа на светски познатиот рапер Еминем, „Ејт Мајл Стајл“, поднесе тужба против технолошкиот гигант Мета, обвинувајќи ја за масовна повреда на авторски права. Во тужбата, поднесена во американската сојузна држава Мичиген, се наведува дека Мета без дозвола користела 243 песни на Еминем на своите платформи – Фејсбук, Инстаграм и Вотсап.
Компанијата бара оштета во висина од 150.000 долари по песна, што вкупно надминува 109 милиони долари. „Ејт Мајл Стајл“ тврди дека Мета дозволила овие песни да се користат како позадинска музика во милиони видеа, стримови и „Рилс“ видеа преку функциите „Ремикс“ и „Оригинал Аудио“, и тоа без лиценца или авторска согласност.
Според поднесените документи, Мета претходно се обидела да добие права за користење на музиката на Еминем, но барањето било одбиено. Наместо да ја почитува одлуката, компанијата наводно продолжила со користење на содржината, што довело до поднесување на тужбата. Портпарол на Мета за медиумите изјавил дека компанијата била подготвена за соработка и договор, но „Ејт Мајл Стајл“ решиле правдата да ја бараат по судски пат.
Адвокатите на издавачката куќа изјавиле дека целта е да се заштитат правата на нивниот клиент и да се испрати јасна порака за важноста на авторските права во дигиталната ера.
