Фестивали

Раста, Џејла Рамовиќ и Марија Шерифовиќ – дел од богатата музичка програма на „Тиквешки Гроздобер 2025“ (Фото)

Една од најстарите и најпрестижни манифестации во Македонија, „Тиквешки Гроздобер“, годинава ќе се одржи од 5-ти до 7-ми септември под мотото на традицијата, забавата и доброто вино. Со буџет од над 12 милиони денари (200.000 илјади евра), што го усвои Советот на општина Кавадарци, манифестацијата ветува незаборавен тридневен спектакл исполнет со музика, култура и спорт.

Организаторите велат дека целта е Гроздоберот и оваа година да ја задржи својата репутација на настан кој ги обединува традицијата и модерниот дух на македонската јавна сцена.

Како што дознава музичкиот портал Музика24.мк, манифестацијата ќе започне на 5-ти септември со традиционалниот кошаркарски турнир „Сестри Китеви“, кој ќе ја отвори спортската програма. Потоа, вечерта ќе ја запалат градската сцена ДиЏеј Око Доки, македонскиот реге-поп изведувач Тајзи, и балканската хип-хоп ѕвезда Раста, во шоу што се очекува да привлече голем број млади љубители на урбаната сцена.

Саботата пак, ќе биде резервирана за спектакуларно мото-рели низ улиците на Кавадарци, како и Тиквешкиот карневал, кој секоја година плени со маски, музика и хумор. На градскиот плоштад ќе настапат неколку од најголемите женски имиња на регионалната сцена – Андријана Петрушовска, младата надеж од Македонија, Џејла Рамовиќ, победничката на „Ѕвездите на Гранд“, и српската поп-дива Наташа Беквалац, која со својот сценски настап секогаш создава незаборавна атмосфера.

Последниот ден од Гроздоберот ќе биде одбележан со богата програма во чест на Денот на ослободувањето на Кавадарци. Ќе се одржи изложба на олдтајмери, традиционалната таблијада, како и свечена седница на Општинскиот совет. Детскиот дух ќе биде претставен преку карневалското дефиле на најмладите, а вечерта ќе кулминира со настапот на популарниот македонски состав Либеро Бенд и незаборавната Марија Шерифовиќ, која веќе една деценија ги освојува срцата на публиката низ целиот регион.

Манифестацијата и годинава ќе заврши со спектакуларен огномет, кој ќе го осветли небото над Тиквешијата – како симбол на завршената берба, изобилието и радоста.

Со внимателно избрана програма која ги опфаќа сите возрасни категории, градот Кавадарци повторно ќе биде центар на културните случувања во Македонија. Очекувањата се дека и оваа година настанот ќе привлече илјадници посетители од целата држава и странство, кои ќе уживаат во уникатната атмосфера што само Кавадарци знае да ја создаде.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: