Струмица по четврти пат ќе ја почувствува магијата на една од најатрактивните музички забави во регионот – Get EXITed 2025, која оваа година ќе се одржи на недела, 7-ми септември во Големиот струмички парк. Настанот традиционално собира илјадници посетители од цела Македонија и соседните земји, а најубавата вест е дека влезот е целосно бесплатен.
Главната атракција на вечерта е светската DJ суперѕвезда Jax Jones, еден од најголемите имиња на електронската сцена со милијарди стримови и хитовите „You don’t know me“, „Instruction“, „Breathe“, „All Day and Night“. Неговиот сет ќе биде кулминација на забавата со енергија и звук што се слуша на најголемите фестивали во светот.

Публиката ќе ја разниша и Бејби Лазања, евровизискиот херој кој со „Rim Tim Tagi Dim“ ја освои Европа и ги запали стадионите и фестивалите ова лето. Струмичката публика ќе може да ја доживее неговата карактеристична енергија и уникатна кореографија во живо.

За љубителите на рок музиката, Бајага и Инструктори ќе ги донесат безвременските хитови што обединуваат генерации и со години ја градат музичката култура на целиот регион.

По трите успешни изданија, Get EXITed веќе е препознатлив белег на летните забави во Македонија. Досега на оваа сцена настапија имиња како Џон Њуман, Бурак Јетер, Дебора Де Лука, Сенида, Махмут Орхан, Констракта, Ван Гог и 2Бона. Оваа година програмата продолжува со истата мисија – да ја обедини светската, регионалната и локалната музичка сцена во едно незаборавно искуство. Од првите тактови до раните утрински часови, публиката ќе ужива во моќни поп мелодии, експлозивни рок рифови и современ електронски звук. Останатиот дел од програмата ќе биде најавен наскоро, а едно е сигурно – Струмица на 7-ми септември ќе пулсира во ритамот на Get EXITed.
