Македонска Каменица и оваа година со гордост го одбележува Денот на рударите – 28-ми август, со тридневна културно-музичка програма што ќе ја претвори градската сцена во центар на традицијата, современите звуци и незаборавните емоции.
Организатори на прославата се Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот центар „Романса“, а настанот е под покровителство на Рудникот „Саса“, кој со години ја поддржува оваа значајна прослава на рударскиот труд, заедништво и гордост.
Првата вечер – Фолклорна магија (вторник, 26-ти август 2025). Вечер посветена на ритмите и играорците. Ќе настапат: Културно-уметничко друштво од Република Бугарија, Културно-уметничко друштво од Република Србија, Ф.А. „Китка“ од Истибање, КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица. Шаренилото на костимите, песните и ората ќе ја претвори сцената во мозаик на културно богатство и пријателство меѓу народите.
Втората вечер – Рок енергија (среда, 27-ми август 2025). Публиката ја очекува вистинска експлозија од емоции и добро познати звуци: Спасен Силјаноски – глас кој носи топлина и традиција, REPLAY BAND – Unplugged со хитови во ново светло и Легендарните Дивље јагоде, со рок енергија што со децении ја полни балканската сцена.
Големото финале – Денот на рударите (четврток, 28 август 2025). Во 20 часот вечерта ќе ја отворат најмладите – хорот „Поточиња“ и нивниот Поки. Забавата потоа продолжува со: DJ Пајак – со сет што ќе ја подигне енергијата, Митан проект и Андијана Јаневска – совршен спој на традиција и современост, обоен со нејзиниот магичен глас и за крај – неповторливата Дани Димитровска, чиј моќен вокал ќе биде вистинска круна на прославата.

Македонска Каменица повторно ќе пулсира како град на културата, забавата и заедништвото. „Да прославиме заедно – со рударите, за рударите, и за сите што го сакаат животот во ритам“ е пораката од организаторот.
