Виена во 2026 година повторно ќе го пречека најгледаниот музички настан во Европа – Евровизија. Јавниот радиодифузен сервис ОРФ потврди дека австриската престолнина ќе биде домаќин на 70. издание на натпреварот, а големото финале е закажано за 16 мај. Ова ќе биде втор пат по 11 години Виена да ја прими Евровизија. Градот ја доби организацијата откако пејачот Џеј Џеј ја донесе победата за Австрија на минатогодишното издание во Базел, Швајцарија.
Во трката за домаќинство, Виена го надмина Инсбрук, кој настапи со слоганот „Заедно на врвот“, промовирајќи ги своите алпски предели и модерната арена. Но, главниот град со својата проверена инфраструктура, голем хотелски капацитет и искуство од претходни изданија, ја доби довербата на организаторите. Кандидатурата беше поднесена под мотото „Европа, ќе танцуваме?“.
Да се биде домаќин на Евровизија не е само прашање на престиж – тоа е и значаен економски поттик. Примерите од Ливерпул, Малме и Базел покажуваат дека натпреварот привлекува десетици илјади туристи и сериозно го зголемува меѓународниот имиџ на градот.
Со 2 милиона жители, културна историја и репутација како музичка престолнина, Виена ќе ја добие шансата повторно да ја покаже својата енергија на светската сцена – овој пат на јубилејното 70. издание на Евровизија.
