World Music

Од сцена до судница: Поранешните членови на The Police во правна битка со Стинг

Поранешните членови на легендарниот бенд The Police, гитаристот Енди Самерс и тапанарот Стјуарт Коупленд, поднеле тужба против фронтменот Стинг, барајќи „значајна“ оштета поради, како што тврдат, изгубени милиони фунти од авторски права. Весникот The Sun објави дека правната постапка е заведена во Високиот суд во Лондон под категоријата „општи комерцијални договори и аранжмани“. Стинг е наведен како обвинет под своето вистинско име, Гордон Метју Самнер, а во постапката е опфатена и неговата компанија Magnetic Publishing Limited.

„Ова беше очекувано веќе подолго време. Обидите за вонсудска спогодба пропаднаа, па Самерс и Коупленд решија дека нема друга опција освен суд“, изјавил извор близок до процесот. „Тие тврдат дека им се должат милиони фунти за изгубени авторски права“.

Најголема контроверзија предизвикува мегахитот „Every Breath You Take“, кој во 1983 година беше најпродаван сингл во светот, а и денес му носи на Стинг околу 550.000 фунти годишно. Иако песната се смета за една од најголемите во историјата на поп-рокот, Самерс и Коупленд никогаш не добија признание како ко-автори. Портпаролот на Стинг, сепак, негирал дека тужбата е поврзана токму со оваа песна, без да открие дополнителни детали. Од друга страна, и Самерс и Коупленд остануваат без официјален коментар за моментот.

The Police се формираа во 1977 година и се распаднаа во средината на 80-тите, откако продадоа повеќе од 75 милиони плочи ширум светот, влегувајќи во историјата како еден од најуспешните британски бендови. Сега, речиси четири децении подоцна, тројцата членови повторно се во центарот на вниманието – овојпат не поради музиката, туку поради милионскиот судски спор кој може да остави траен белег врз наследството на групата.

Можеби ќе ве интересира: