Фестивали

Српската пејачка Ана Станојевиќ со голем триумф на „Охрид фест 2025“ (Фото)

Во Охрид овој викенд се одржа традиционалниот музички фестивал „Охрид фест“, кој и оваа година собра бројни познати имиња од регионалната сцена. Посебно внимание предизвика поп вечерта, каде што наградата „Најдобра поп композиција во балкански манир“ ѝ припадна на познатата пејачка Ана Станојевиќ со песната „Навикла сам да ме лажу“.

Публиката и жирито беа едногласни дека современиот, но истовремено балкански обоен аранжман, е полн погодок, а Станојевиќ на сцената блесна со енергија, емоција и впечатлива интерпретација. Ана ја воодушеви македонската публика и претходно, кога направи модерна верзија на безвременската песна „Македонско девојче“, но и овој пат покажа дека нејзината врска со Македонија е длабока и искрена.

По настапот, таа доби бројни честитки и поддршка од колеги и музички легенди како Дадо Топиќ, Ана Петановска и Григор Копров, кои не го криеја воодушевувањето од нејзиниот настап.

„Многу ме радува ова признание, кое го делам со моите соработници. Благодарност до мојот тим – Хрвоје Шепаровиќ, Амир Пушкар и Нинослав Адемовиќ, кој направи врвен спој и мајсторски ги вплете звуците на хармониката во поп манир. Уживав делејќи ја сцената, времето и преубавиот Охрид со врвни уметници и на бината и надвор од неа. Ви благодарам за љубовта и поддршката – се гледаме наскоро!“, изјави Станојевиќ за македонските медиуми.

Со оваа награда, Ана уште еднаш ја потврди својата позиција како една од најдоминантните фестивалски поп пејачки во регионот, а „Охрид фест“ повторно ја докажа својата мисија – да биде мост што ги поврзува културите и музиката на Балканот.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: