Културо

Џез-магија во Скопје: Курт Розенвинкел и Националниот џез оркестар на големата сцена на МОБ (Фото)

Скопје ќе биде домаќин на еден од најзначајните музички настани оваа есен: на 1 октомври 2025 година, во Македонската опера и балет, со почеток во 20:00 часот, за првпат пред македонската публика ќе настапи светски познатиот гитарски виртуоз Курт Розенвинкел. Концертот ќе се одржи под диригентство на маестро Владимир Николов, а на сцената ќе му се придружи и Националниот џез оркестар.

Розенвинкел, кого Ерик Клептон го опиша со зборовите „гениј“, веќе три децении е меѓу највлијателните фигури во современиот џез. Неговата музика е мост меѓу традицијата и иднината, со уникатен звук што ги освојува љубителите на гитарата и џезот ширум светот.

The New York Times за него напиша:

„Со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку што многумина гитаристи постигнуваат за цела кариера. Непоколеблив истражувач кој зазеде единствено место во џез-светот со својата сложена и суптилна визија“.

На концертот во Скопје ќе бидат изведени авторски композиции на Розенвинкел, специјално аранжирани за биг-бенд оркестар. Очекувањата се дека публиката ќе има ретка можност да ужива во еден несекојдневен спој – виртуозноста и автентичноста на еден од најиновативните гитаристи на нашето време и енергичниот звук на Националниот џез оркестар.

Со својата длабочина, оригиналност и беспрекорна техника, Курт Розенвинкел одамна има запишано посебна страница во историјата на музиката. Настапот во Скопје ветува вечер што ќе остане врежана во сеќавањето на сите присутни – концерт што не само што ќе ја одбележи оваа година, туку и ќе стане дел од културната историја на Македонија.

Можеби ќе ве интересира: