Она што музичкиот портал Музика24 го напиша пред само неполна недела, денес организаторите на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ – Штип, и официјално го потврдија. Оваа есен Штип ќе биде центарот на македонската забавна музика. На 23-ти, 24-ти и 25-ти октомври, во Домот на културата ќе се одржи јубилејното, 40-то издание на фестивалот „Макфест“ – најголемата и најдолговечна музичка манифестација во Македонија.
По четири децении постоење, фестивалот заслужено ќе трае три вечери, со цел публиката да ужива и во новите песни, но и во легендарните хитови кои останаа врежани во историјата на македонската музика. Освен традиционалните две фестивалски вечери – дебитантска и популарна – оваа година ќе се одржи и третa ревијална вечер, посветена на песните кои ја обележале историјата на фестивалот.
„Песните не мора да се победнички, но се избрани од сите четири декади на фестивалот“, вели Јован Јованов, долгогодишен организатор на „Макфест“. На оваа вечер ќе настапат добро познатите ѕвезди на македонската сцена како Тања Кочовска, Силви Бенд, Питер Џон Босе, Владо Јаневски, Сашо Гигов – Гиш, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски – Џафер, Ламбе Алабакоски, Пајак и Лара, како и многу други изведувачи кои оставиле белег во историјата на фестивалот.
Фестивалот и годинава е од ревијален карактер, а ќе биде доделена единствена награда – за најслушана песна меѓу двата фестивала. Песната што ќе ја понесе оваа титула ќе биде објавена на 15-ти октомври, на прес-конференција во Штип, на која ќе бидат објавени и регуларните учесници.
А тука ние новинарите само би се запрашале, зошто наместо да биде практично, рационално и едноставно – секогаш мора да биде комплицирано?! Прес-конференциите во Скопје (како онаа во 2023-та година) секогаш имаат поголема медиумска застапенот, посетеност и информираност, за разлика од оние кои што организаторите ги прават во Штип, со локалните медиуми.
Јован Јованов кој што години наназад е дел од организацијата на „Макфест“ вели дека по објавуивањето на учесниците, на социјалните мрежи ќе бидат објавени и рефрените од новите песни, за публиката да ги запознае уште пред самото одржување на фестивалот. На првата вечер ќе настапат 13 дебитанти, додека на втората вечер ќе се претстават 14 популарни изведувачи.
„Опфатени се сите жанрови и стилови на музика за да има за секого по нешто. Едноставно – музика за сите генерации“, изјави уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Саздов. Организаторите најавуваат дека сцената ќе биде подготвена на високо продукциско ниво, достојно за јубилејот.
„Фестивалот навистина ќе изгледа светски. Голема благодарност до градоначалникот Иван Јорданов и продуцентот Александар Арсовски од Општина Штип, кои несебично го поддржуваат „Макфест“ како претходните години, така и оваа“, истакна Саздов.
Сите три фестивалски вечери ќе бидат во живо пренесувани на првиот програмски сервис на Македонската телевизија (МТВ), со што и гледачите од целата земја ќе можат да бидат дел од јубилејниот „Макфест“. Четири децении по првото издание, фестивалот останува симбол на песната, креативноста и македонската естрада.
Оваа година, повеќе од кога било, Штип ќе пулсира во ритамот на „Макфест“ – фестивал кој со право го носи епитетот: „Место каде што се раѓаат хитови и остануваат легенди“.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
