Културо

Во „Марко Цепенков“- Прилеп отворена ретроспективната изложба од уметникот Боро Арсовски – Бабата (Фото)

Синоќа во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена ретроспективната изложба на слики од Боро Арсовски – Бабата, по повод 55 години негово творештво.

Придонесот на Боро Арсовски – Бабата кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, е голем.

Специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става Арсовски во редот на најзначајните  претставници на македонската наива….

Посетителите синоќа имаа можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970-тата до денес. Притоа забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма која во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс, автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце… Сликите од Арсовски говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина….

Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата  – посочува Роберт Цветковски, историчар на уметноста, за творештвото на уметникот, кој има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни.

Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот.

Од Прилеп за Музика24 известува: Христијан Ангелески 

Можеби ќе ве интересира: