Во прв ред

Сензационална вечер во Куманово: Денови на Балканската етно ризница со голем концерт на Маргица Антевска

Куманово повторно ја слави својата културна традиција преку манифестацијата „Денови на Балканска Етно Ризница“, која веќе единаесет години е составен дел од програмата на Ноемвриските денови по повод Денот на градот. Овој понеделник, 24-ти ноември, со почеток во 19 часот, во салата на Занаетчискиот дом, љубителите на етно звукот ќе уживаат во уште едно уникатно издание посветено на богатото народно творештво.

Годинашната манифестација се одржува под мотото „Маргица Антевска со семејството и пријателите“, истакнувајќи ја долгогодишната уметничка вредност и авторитетот на легендарната Маргица Антевска, која повеќе од 55 години е еден од најпрепознатливите гласови на македонската естрада. Посетителите ќе имаат ретка можност да патуваат низ нејзината богата кариера преку внимателно подготвен музички приказ, исполнет со емоција, традиција и автентичност.

На сцената со Маргица ќе се појават и нејзините најблиски – Марко Антевски и Милена Митковска, истакнати музичари кои со својот звук ќе ја збогатат вечерта. Како специјални гости ќе настапат и Нино Величковски, Ристо Краповски и Нацка Славкова, имиња кои со своето присуство дополнително ја заокружуваат етно магијата на овој настан.

Организатор на манифестацијата е Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Ризница“ од Куманово, со поддршка од Општина Куманово и Фондацијата за култура.

На кумановската публика ѝ се отвора покана за една топла, емотивна и ретровизорска вечер – патување низ музичкото наследство на единствената Маргица Антевска, овој пат заедно со нејзиното семејство и пријатели.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: