Фестивали

Фолк Фест Валандово 2026: Ново раководство, нови композиции, нова приказна

Општина Валандово на самиот почеток на февруари направи потег кој сериозно го раздвижи македонскиот музички простор – објавен е Јавен конкурс за избор на директори на фестивалот „Фолк Фест Валандово“. Според неофицијални информации до кои дојде музичкиот портал Музика24, организаторот – Општина Валандово – има јасна намера: да започне нова музичка приказна и да му даде нов импулс на фестивалот кој речиси четири децении е синоним за новосоздадена македонска песна.

Конкурсот предвидува избор на:

  • Директор на фестивалот
  • Уметнички директор и
  • Технички директор

Сите со мандат од две години, што јасно укажува на поорганизирано, посистематско и современо функционирање на „Фолк Фест Валандово“ во иднина. Но, дали ова значи и целосно нов концепт на „Фолк Фест Валандово“?! Она што е сигурно е дека фестивалот подолго време имаше потреба од свежа енергија, нови идеи и посилна визија, со цел да го задржи својот углед, но и да се приближи до новите генерации.

Со ваквите најави, логично се отвораат и неколку клучни прашања:
– Дали препознатливиот водителски тандем Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев ќе остане дел од фестивалскиот бренд?
– Дали т.н. ОФ-вечери, со настапи на етаблирани македонски музички имиња на градскиот плоштад во Валандово, ќе продолжат да живеат како успешен и позитивен сегмент на фестивалот?

Токму во годината кога „Фолк Фест Валандово“ одбележува 39 години постоење, Општина Валандово оди чекор понатаму и паралелно објавува и Меѓународен конкурс за избор на композиции за фестивалот „Фолк Фест Валандово 2026“. Ова е отворена покана до сите композитори, текстописци и автори од земјата и странство да бидат дел од фестивалот кој со децении ја гради и чува македонската музичка традиција, но истовремено постојано бара нов звук и нови имиња.

Ljubovta da rascuti - Suzana Gavazova i Ljupco Gjorgjiev "Folk Fest Valandovo 2025" (LIVE)
Сузана Гавазова и Љупчо Ѓорѓиев – победници на „Фолк Фест Валандово 2025“

Ние и не би биле Музика24 доколку не ви ги доближиме двата конкурса во целост, затоа во продолжение можете детално да ги погледнете и прочитате условите, роковите и сите потребни информации:

-Јавен конкурс за избор на директори на фестивалот на новосоздадени македонски песни „Фолк Фест Валандово“ и

-Меѓународен конкурс за избор на композиции на Фестивалот на новосоздадени македонски песни „Фолк Фест Валандово 2026“.

Едно е сигурно –„Фолк Фест Валандово“ очигледно влегува во чувствителна, но возбудлива фаза. Дали ова ќе биде нов почеток или ризичен пресврт, ќе покаже времето – но музичката јавност со право будно следи што ќе се случува понатаму. Дали Валандово повторно се подготвува да биде музичкиот центар на Македонија или не – останува да покаже времето.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: