И оваа година Куманово ќе биде домаќин на детската музичка магија. Еден од најстарите и најреномираните детски музички фестивали во земјава, меѓународниот фестивал „Распеано детство“, ќе го одржи своето дваесет и прво издание на 24 април 2026 година, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Фестивалот, кој со години претставува расадник на млади музички таленти, и оваа година најавува спектакуларно издание, со нови композиции, детска енергија и современ музички израз. Организаторите официјално го распишаа конкурсот и ги повикуваат сите заинтересирани автори и изведувачи да земат учество и да бидат дел од фестивалот што ја слави детската креативност и музичка иднина.
Право на учество имаат деца на возраст од 5 до 14 години, а на конкурсот можат да се пријават домашни и странски автори. Песните треба да бидат современи, лесно певливи и за првпат изведени токму на фестивалот „Распеано детство 2026“. Композициите се испраќаат во MP3 формат, а по нивното прифаќање, авторите се должни да ги достават во WAV формат, како комплетни композиции (музика, текст, аранжман и матрица). Со авторите на избраните песни, организаторот ќе склучи договор за исплата на авторски хонорар, како и за пренос на правата за прво јавно изведување, медиумско емитување, тонско и видео снимање и објавување на интернет платформи.
Крајниот рок за испраќање на песните е 28 февруари 2026 година, на официјалната електронска адреса: [email protected].
Организатор на фестивалот е Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство од Куманово, под покровителство на Општина Куманово, додека медиумски покровител е Македонската Радио Телевизија.
„Распеано детство“ не е само фестивал – тоа е сцена на која се раѓаат првите соништа, првите аплаузи и првите музички чекори. Зашто, како што порачуваат организаторите – на децата им припаѓа иднината.
