Во рамките на манифестацијата „Кичево – Град на културата 2026“, на 16 мај во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ ќе се одржи солистички концерт кој ветува вечер исполнета со емоции, традиција и музика што ги спојува народите. Станува збор за проект со посебна културна тежина, реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Кичево, а воедно и еден од ретките настани од ваков формат посветени на турската музика и балканската музичка традиција кај нас.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана концертна програма составена од румелиски народни песни, традиционални македонски мелодии, безвременски дела од турската музика, но и авторски композиции инспирирани од богатото музичко наследство на Балканот. Ова нема да биде само концерт, туку вистинско музичко патување низ различни култури, јазици и емоции — вечер во која музиката ќе покаже дека не познава граници и дека токму уметноста е најсилниот мост меѓу луѓето.
Организаторите најавуваат исклучително емотивна атмосфера, а љубителите на квалитетната музика ќе имаат можност да бидат дел од настан кој ја слави различноста, традицијата и заедништвото.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
