Скопје ова лето ќе биде домаќин на најголемиот музички спектакл што некогаш се случил во Македонија и регионот. Во рамките на одбележувањето на 35 години независност на Македонија, на 8 септември во Арената „Тодор Проески“ ќе настапи една од најголемите светски музички ѕвезди на денешницата – David Guetta, со своето грандиозно “The Monolith Stadium Show”.
Станува збор за продукција која во моментов важи за едно од најмасовните и најспектакуларни музички шоуa во Европа. Турнејата на Guetta оваа година опфаќа некои од најголемите европски метрополи, меѓу кои и Париз, Милано и Амстердам, каде што настапите собираат публика од десетици илјади луѓе и поставуваат нови стандарди за стадионски музички спектакли.
По историските три вечери во Париз со повеќе од 80.000 посетители по концерт, спектаклот во Милано со околу 100.000 луѓе и големиот настап во Амстердам на стадионот на Ајакс, истото шоу пристигнува и во Македонија, што претставува огромно признание за домашната музичка и концертна сцена. Настанот ќе биде централната прослава по повод 35 години независност на државата, а според најавите, се очекуваат посетители од цела Македонија, но и од соседните земји и поширокиот регион.
Особено внимание привлекува фактот што концертот ќе биде бесплатен јавен настан, со задолжителна регистрација по симболична цена од 35 денари – бројка која директно го симболизира државниот јубилеј. Со оваа процедура организаторите сакаат да обезбедат контрола на капацитетот и безбедноста на посетителите. Секој корисник ќе може да резервира максимум две влезници, а регистрацијата ќе биде достапна и за странски посетители, имајќи предвид дека ваков тип на музички спектакл има огромен туристички и економски импакт за градот и државата.
Организатор на настанот е Avalon International Booking, од каде што најавуваат дека дополнителните детали околу регистрацијата и целокупната организација ќе бидат официјално објавени во текот на следните денови.
Со доаѓањето на David Guetta и “The Monolith Stadium Show”, Скопје оваа есен ќе стане дел од ексклузивната европска мапа на мегаконцерти и ќе испрати силна порака дека Македонија може да биде домаќин на музички настани од светски формат.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
