Годинава, екипите на музичкиот портал Музика24 и Свет Аустралиа ја имаа онаа ретка привилегија да пристигнат еден ден порано од останатите новинарски екипи, а сето тоа благодарение на Г-нот Горан Алачки, идејниот творец на „Фолк Фест Владимирово“ – фестивалот кој веќе традиционално во овој период од годината ги собира љубителите на македонската народна музика во Малешевијата.
Нашите новинарски екипи беа сместени во прекрасниот Хотел Манастир – хотел кој со години важи за едно од најубавите и најпосетуваните планински одморалишта во Македонија. Сместен во мирна и зелена околина, веднаш до манастирот „Св. Архангел Михаил“, хотелот плени со својата автентична архитектура, етно атмосфера и врвна гастрономија. Комплексот располага со модерни соби, СПА центар, летни тераси, ресторан со традиционални малешевски специјалитети, спортски содржини и прекрасен парк кој едноставно ве тера да заборавите на секојдневието.

Интересно е што со години наназад, токму тука, во хотелот Манастир, Горан Алачки ги организира своите музички семинари, предавања и дружби посветени на македонската народна музика, каде младите музичари и љубители на фолклорот имаат можност одблиску да ја почувствуваат магијата на традицијата.
А кога сме кај магијата – Берово навистина ја има во изобилство. Градот е сместен во срцето на Малешевските Планини и важи за едно од местата со најчист воздух на Балканот. Познато по својата недопрена природа, беровското езеро, богатата традиција, гостопримството и вкусната домашна храна, Берово секоја година привлекува илјадници туристи од Македонија и странство. Овде времето како да застанува, а природата и мирот создаваат чувство кое тешко се опишува со зборови.

Вечерва се одржува второто издание на „Фолк Фест Владимирово“, на кое сите владимирци и беровчани се особено горди. И оваа година, фестивалската сцена ќе биде резервирана за голем број познати македонски музички имиња кои оставиле сериозен белег на домашната музичка сцена и чии песни со децении живеат меѓу народот.
Како и минатата година, фестивалот има ревијален карактер – нема победници, бидејќи вистински победници се сите учесници и нивните нови песни кои во следните 365 дена ќе се емитуваат и промовираат на македонските радио и телевизиски станици. Токму тоа е и најголемата вредност на фестивалот – создавање нови македонски народни песни кои ќе останат да живеат.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
