Фестивали

„Фолк Фест Валандово“ се врати во голем стил: Незаборавна предфестивалска вечер во срцето на Валандово (Фото)

По 39-ти пат, градот кој со децении е дом на најубавите рефрени од македонската новосоздадена народна музика, вчера вечер блесна во сиот свој фестивалски сјај. Со многу емоции, носталгија и силна љубов кон македонската традиција, започна предфестивалската вечер на годинашното издание на „Фолк Фест Валандово“ — фестивал кој одамна не е само музички настан, туку вистински симбол на македонската песна и култура.

Предфестивалската вечер, која се одржа на 26 мај на градскиот плоштад во Валандово, донесе атмосфера каква што одамна не се памети. Илјадници посетители, исполнети кафулиња, аплаузи на секој чекор и публика која пееше во еден глас — сето тоа беше доказ дека Валандово повторно живее со музиката.

На сцената продефилираа големи имиња од македонската фолк сцена: Блага Петреска, Марјан Коцев, Мишко Крстевски, Елена Велевска, Кате Соната, Христијан Божинов и многу други уметници кои потсетија на безвременските валандовски хитови. Вечерта дополнително ја збогати и мини концертот на Влатко Миладиноски, кој внесе уште повеќе емоција и енергија меѓу присутните. Секоја песна беше проследена со силни аплаузи, а атмосферата потсети на златните времиња на фестивалот — времиња кога Валандово создаваше хитови што остануваа да живеат со генерации.

Оваа година фестивалот доаѓа со ново раководство, свежа енергија и јасна цел — повторно да му се врати стариот сјај на најпознатиот фестивал на народна музика во Македонија. Амбицијата е голема: секое ново издание да донесе песни што ќе станат дел од народот и ќе се пеат со години. Организацијата, според многумина, е на високо ниво. Голема благодарност заслужуваат Општина Валандово, градоначалникот Ѓоко Камчев и целата организациска екипа, кои покажаа вистинско гостопримство и професионалност кон сите гости, уметници и медиумски екипи.

Денес, на 27 мај 2026 година, фестивалската магија продолжува во Домот на културата „Јанко Узунов“, каде ќе се одржи главната фестивалска вечер на 39-тото издание на „Фолк Фест Валандово“. Публиката ќе има можност да слушне нови композиции, нови музички приказни и нови надежи на македонската народна сцена.

Низ фестивалската вечер публиката ќе ја водат Ели Танасковска и Зоран Горгиев, додека за атмосферата зад сцената ќе бидат задолжени Дионис Нунов и Снеже Велков.

Валандово уште еднаш покажа дека македонската песна има душа, традиција и народ што искрено ја сака. А според атмосферата која веќе се чувствува низ градот, Македонија повторно добива фестивал каков што долго време посакуваше. Да ни е жива македонската песна!

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: