Фестивали

Пехчево повторно беше музичкиот главен град на Македонија – илјадници посетители на 16. Фестивал на дувачките оркестри (Фото)

Во изминатите два дена Пехчево живееше во знакот на музиката, трубата и добрата атмосфера. Малото малешевско градче уште еднаш покажа дека кога станува збор за квалитетна музичка програма и беспрекорна организација, без проблем може да биде домаќин на илјадници посетители од Македонија и соседните земји. На 10 и 11 јули успешно се одржа 16. Фестивал на дувачките оркестри, кој уште еднаш ја потврди својата позиција како една од најпосетените летни музички манифестации во источниот дел на државата.

Екипата на музичкиот портал Музика24, како еден од официјалните медиумски покровители на фестивалот, беше присутна во текот на целиот настан и одблиску ја проследи секоја фестивалска приказна – од подготовките зад сцената, па сè до последните акорди кои одекнуваа до раните утрински часови.

Нашето патување кон Пехчево започна на 10-ти јули. Патот низ Малешевијата, исполнет со густи шуми, зелени планини и прекрасни природни пејзажи, уште еднаш потврди зошто овој регион важи за еден од најубавите во Македонија. Веќе со самото пристигнување се чувствуваше фестивалската атмосфера која го имаше зафатено целиот град. На градскиот плоштад веќе ги затекнавме последните подготовки, а токму таму својата тонска проба ја завршуваше големата балканска музичка ѕвезда Драган Којиќ Кеба. Пред неговиот вечерен настап имавме можност да разговараме со него во пријатна атмосфера, каде што ни откри дел од своите впечатоци за фестивалот, публиката и својата долгогодишна кариера. Ексклузивното интервју наскоро ќе биде објавено на Музика24.

По средбата со Кеба, заедно со колегите од интернет-порталот Свет Австралија, единствените медиумски екипи кои годинава известуваа директно од фестивалот, го прошетавме Пехчево, ги запознавме неговите природни убавини и уживавме во традиционалните малешевски специјалитети пред да започне богатата музичка програма.

Првата вечер започна со настапот на пензионерскиот хор „Малешевска китка“, кој ја отвори програмата со прекрасни македонски песни. Следуваа настапите на Кверкус Бенд, Матеј, Бојана Ѓузелова, како и виртуозите на трубата Бојан и Богдан Ристиќ од Србија. Круна на вечерта беше концертот на Драган Којиќ Кеба, кој со своите безвременски хитови ја воодушеви многубројната публика. Но забавата не заврши тука. За вистинска фестивалска експлозија се погрижија Brass Brothers, кои со својата неверојатна енергија и препознатлив звук ја продолжија забавата до раните утрински часови.

Вториот фестивалски ден беше можност и за кратко уживање во природните убавини на Малешевскиот регион. По утринската прошетка низ Пехчево и посетата на Берово, денот го поминавме во прекрасниот Aurora Resort, каде што уживавме во амбиент кој совршено ја надополнува природната убавина на овој крај. Вечерната програма започна со настап на учесниците од детскиот фестивал „Поточиња“, по што следуваше трибјут-составот Бело Копче, кој ги изведе најголемите хитови на легендарното Бијело дугме.

Публиката потоа ја дочека една од најатрактивните балкански поп-ѕвезди, Теодора Џехверовиќ, која со својот настап, сценска енергија и хитови ја крена атмосферата на највисоко ниво. За големото финале беше задолжена Ике Де Кока, која со својот препознатлив музички стил стави точка на уште едно успешно фестивалско издание. Програмата низ двете фестивалски вечери маестрално ја водеше Ирена Спировска, која со својот препознатлив шарм, професионалност и позитивна енергија уште еднаш покажа зошто со години е едно од најомилените телевизиски лица кај македонската публика.

Во разговорот што го водевме со градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, тој изрази задоволство од годинашното издание и најави дека подготовките за 17. Фестивал на дувачките оркестри започнуваат уште отсега, со амбиција следната година програмата да биде уште побогата, а фестивалот да привлече уште повеќе домашни и странски посетители.

На крајот, екипата на Музика24 упатува искрена благодарност до градоначалникот Александар Китански, до Елица Јовевска и до целиот организациски тим за гостопримството, довербата и професионалната соработка што ни овозможија уште еднаш одблиску да бидеме дел од оваа прекрасна музичка приказна. Пехчево повторно покажа дека фестивалите не се само концерти – тие се место каде што музиката, традицијата, природата и добрите луѓе создаваат спомени кои долго се паметат.

ПС: Голема благодарност упатуваме и до Пехчево Денес и Тимче Цековски (Cekovski photography) кои безрезервно и пријателски ни ги отстапија своите фотографии за потребите на Музика24. Благодариме!

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: