Фестивали

„Локум Фест“ приреди незаборавна вечер – старата битолска чаршија пулсираше во ритамот на „Skopje Via“ (Фото)

Во рамките на јубилејното 20. издание на „Локум Фест – Музика и традиција“, старата битолска чаршија синоќа беше претесна да ги собере сите љубители на добрата музика. Амбиентот исполнет со традиција, преполната публика и извонредната атмосфера создадоа една од оние фестивалски вечери што долго ќе останат во колективната меморија на Битола.

Главни ѕвезди на вечерта беа членовите на „Skopje Via – Gypsy Project“, состав кој во изминатиот период се наметна како едно од најпријатните музички освежувања на македонската сцена. Со препознатливиот спој на џипси џез, балканска традиција и современ музички израз, бендот приреди концерт исполнет со емоција, виртуозност и силна сценска енергија. Публиката со долги аплаузи ги поздравуваше секоја композиција и секоја импровизација, а харизматичната Јана Стојановска, заедно со извонредните инструменталисти, создаде концертна атмосфера која го претвори историското јадро на Битола во голема музичка сцена под отворено небо.

„Skopje Via“ е проект зад кој стојат музичарот Мишел Трајковски и актерката и вокалистка Јана Стојановска. Нивната музика претставува современа интерпретација инспирирана од балканската и ромската музичка традиција, збогатена со џипси џез, театарска експресија и модерен сценски пристап. Минатата година ја промовираа и својата прва авторска песна „Под ова небо“, со која дополнително го потврдија својот автентичен музички идентитет.

Во составот настапуваат Јана Стојановска (вокал), Мишел Трајковски (хармоника), Хилми Баки (виолина), Никола Петрушевски (кларинет), Влатко Пате Конга (ударни инструменти), Кирил Златановски (бас-гитара) Ташко Грујоски – гитара и Васил Потиров – гитара, музичари кои со својата енергија и врвна изведба ја освоија битолската публика.

„Локум Фест“ и годинава потврдува дека останува еден од ретките фестивали во регионот кој веќе две децении доследно го негува својот автентичен концепт – промоција на етно, world music и културното наследство, без да подлегне на естрадизацијата. Фестивалот се реализира на јавни простори, е проект од национално значење поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а е дел од програмата на Бит-Фест 2026.

Музичката приказна продолжува и вечерва. На сцената во старата битолска чаршија ќе настапи една од најпознатите балкански етно групи – Divanhana од Босна и Херцеговина. Составот е препознатлив по современите интерпретации на севдалинките и по успешните настапи на бројни европски фестивали, па љубителите на квалитетната музика ги очекува уште една вечер исполнета со силни емоции, традиција и врвни музички изведби.

Со ваква програма, Локум Фест уште еднаш докажува дека веќе две децении не е само фестивал, туку културен симбол на Битола – место каде што музиката ги поврзува луѓето, традициите и генерациите.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Сашо Ставрев

Можеби ќе ве интересира: