Василичарското доживување се подготвува во Вевчани за традиционалниот Вевчански карневал што ќе се одржи во проширено издание од 10-ти до 14-ти јануари идната 2014-та година. Богата музичка програма, интересни содржни за сите возрасти се главниот адут на организаторите на карневалот што оваа година се одржува под слоганот “Биди и ти вистински Василичар”.
“Целта ни е на претстојниот карневал да земат учество не само Вевчанци, туку во поворката со маски да се вклучат и посетителите на Вевчани, да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување. За сите нив ќе бидат обележани куќи на гостопримство, каде ќе бидат пречекани од домаќините и ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети”, изјавуваат организаторите.
Детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови што ќе започнат на 10-ти јануари со промоција на книгата на Ристо Никоски, а на 11-ти со вечер на афоризми со настап на 6 истакнати афоризмичари и концерт на КУД “Дримкол Вевчани”.
“Оваа година го враќаме и стариот добар обичај, односно ќе одбереме најдобра групна маска на која ќе и биде подарено буре црвено вино, исто како порано. Со овој адет и со поставување акцент на главниот адут оваа година, а тоа е гостопримство, сигурна е формулата за успешен настан – настан кој ја задржува својата традиција и обичаи”, изјави Мишо Китаноски.
Музичката програма оваа година ќе биде една од најбогатите во историјата на карневалот. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12-ти јануари кога главни ѕвезди на вечерта ќе бидат момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, “Ван Гог”. Дневни акустичните свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма, а за нив ќе биде задолжен етно составот “Теодулија” од Србија кои ќе настапуваат со македонски етно песни на чело со лидерот на групата Мима Шекуткоска – која има потекло од Вевчани.
Вечер на македонски ѕвезди е предвидена за 13-ти јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски. Посетителите кои ги сакаат хуморот и сатирата, сакаат да бидат Василичари во Вевчани, на лице место ќе можат да си набават маски и под нив, да бидат дел од василичарската поворка и да го искажат се она што во себе го чувале изминатите 365 дена.
Подготви: Редакција Музика24
