Легендарниот Дарко Рундек и Биг бендот на РТС, под диригентската палка на Иван Илиќ, на спектакуларен начин ја отворија серијата од три концерти во целосно распродадената МТС сала во Белград. Овие настапи, во организација на продукциската куќа Long Play, претставуваа долгоочекувана концертна промоција на албумот „За вашата попладневна разонода“ (2022), кој Рундек го сними заедно со Џез оркестарот на ХРТ.
Три распродадени концерти се јасен показател за тоа колку публиката беше желна повторно да ужива во музиката на својот миленик, само три месеци по неговите пет последователни настапи во српската престолнина. Овој пат, песните од сите фази на неговата кариера беа претставени во богати, џезирани аранжмани, што резултираше со еуфорична атмосфера. Не беше никакво изненадување што Рундек, веднаш по појавувањето на сцената, беше дочекан со громогласен аплауз и овации.

По шансонскиот почеток со „Ти и ја“, Рундек изрази огромно задоволство што овие долго планирани концерти конечно станаа реалност. Диригентот Иван Илиќ, исто така, ја истакна својата радост, додавајќи:
„Особено ми е драго што повторно настапувам со Биг бендот на РТС по три години, а уште повеќе што ја делам сцената со еден од моите херои од детството, Дарко Рундек“.
Публиката уживаше во новите џез бои на „Би могу да могу“, „Има их“, „Уходе“, додека во „Wanadoo“ главните вокални улоги ги презедоа долгогодишниот соработник на Рундек, мултиинструменталистот Игор Павлица, и пејачката Маја Ривиќ. Силни аплаузи добиваа и виртуозните солисти – Кори Вилкокс, Иван Илиќ, Петар Радмиловиќ, Љубомир Турајлија, Владимир Крнетиќ, Немања Бановиќ, Новак Мијовиќ…

Вистинската еуфорија настапи со најголемите хитови, како од периодот на Haustor, така и од соло кариерата на Рундек. Публиката гласно пееше и славеше на „Руке“, „Шејн“, „Ена“, додека „Апокалипсо“ доби неочекувано продолжение благодарение на хорското пеење на присутните. Официјалниот дел заврши со „Шал од свила“, но тоа не беше крајот.
На бис, Рундек ја изведе „Духови“, но публиката не запре тука – по громогласните овации, сите спонтано почнаа да ја пеат „Узалуд питаш“. Овој неочекуван момент беше повик кој не можеше да се одбие – Рундек и неговите придружни вокали им се придружија на посетителите, завршувајќи го концертот со една од најпознатите песни на Haustor, во емотивна и незаборавна атмосфера.
