Како што не известуваат нашите соработници од соседна Бугарија, нашите пријатели од Moko Solution, популарната балканска пејачка Светлана Цеца Ражњатовиќ која што има закажано веќе втор концерт на 16-ти март во салата “Арена Армеец” во Софија, ексклузивно за Музика24 известуваат дека видео спотот за големиот хит “Трепни” ќе се снима токму во Бугарија.
Пејачката оваа одлука ја донела со својот тим благодарение на Moko Solution и поради фактот дека оваа песна е вистински голем хит кај нашиот сосед. Местото и датумот за снимањето на видео спотот се држи во најголема тајна, а единствено што се знае е дека Цеца ќе ги донесе најдобрите музичари и професионалци за потребите за снимањето на најочекуваното видео. Меѓудругото, интересно е и што видео спотот премиерно ќе биде прикажан на двата концерти закажани за 16-ти и 17-ти март во Софија.
Мега хитот “Трепни” е само еден од многуте кои се вклучени во најновиот албум на Цеца “Автограм”. 11 неверојатни композиции кои ги поминаа сите музички рекорди што се однесува до слушаност, кај нас така и на Балканот. Досега неофицијалното видео за оваа песна има речиси 34 милиони гледања на YouTube.
Доколку ги пропуштите двата концерти на Цеца во соседна Бугарија, таа кај нас на 25-ти март ќе одржи голем концерт во ВИП арената “Борис Трајковски”, каде ќе имате привилегија да ги слушнете како старите, така и новите хитови од оваа легендарна и мега популарна фолк пејачка, а каде меѓудругото премиерно во Македонија ќе имате можност да го погледнете и новиот видео спот за веќе споменатиот нејзин хит.
Подготви: Синиша Новевски
