Со богат избор на млеко и млечни производи, традиционална ракија и рачни изработки викендов во Прилеп по петти пат се одржа манифестацијата „Млеко 2026“ која е во организација на здружението Slow Food. Годинава темата на настанот беше Корени и трпеза Руралната жена денес, бидејќи таа е од особено значење за создавање на здрава и квалитна храна.
Филип Петкоски, лидерот на Slow Food Прилеп вели дека со настанот руралната жена во Прилеп сакаат да ја подигнат на пиедесталот, а целта на настанот е жената да го зајакнува бизнисот и стопанството, и да биде економски конкурентна на пазарот.
„Денес со овој настан сакаме истата да ја подигнеме на пиедесталот. Целта е истата – економски понатаму да зајакнува, да го зајакнува својот бизнис, своето стопанство и да биде економски конкурентна на пазарот. Имаме повеќе производители, од повеќе места, со млеко, со сирење, со пчелни производи, со домашни изработки и производи.“-изјави Филип Петкоски, лидерот на Slow Food Прилеп.
Љупка Филипов, која е производител на маџун од Неготино за медиумите вели дека секоја работа има тежина и дека работата која се работи со љубов на крајот се вродува со плод, а тој е квалитетен производ.
„Секоја работа има тежина. Тешко е – да, но кога има љубов, кога има трпение, кога се работи со љубов, сè станува неважно, а резултатот на крајот, верувајте, е нешто најдобро. Јас сум задоволна, се постигнува, треба да се работи тимски. Ако сме семејство, треба и да работиме сложно и успехот е тука“-вели Љупка Филипов, произодител на маџун од Неготино.
Игор Поповски од битолската фарма „Дихово“ за медиумите рече дека состојбата во сточартсвото, млекопроизводството и ситниот добиток е секогаш сериозна и дека козите и овците се во голем ризик, а додека пак, цената на кравите е намалена.
„Состојбата е секогаш сериозна во сточарството, во млекопроизводството, ситниот добиток има и болест што постојано се шири во Македонија. Во голем ризик се козите и овците, додека кај кравите е намалена вкупната цена. Единствен спас е со свое производство да продадеш“-рече Игор Поповски од фарма „Дихово“, Битола.
Цеца Видова-Трајческа која е производител на „Љубовна ракија-Ѕвончар“ вели дека се задоволни и дека македонскиот пазар знае да го препознае квалиетот и сака домашни и квалитетни производи.
„Воглавно сме задоволни, има одѕив, затоа што македонскиот пазар знае да го препознае квалитетот на денешницава и сите сакаат домашни производи, верувајте“-кажа за медиумите Цеца Видова-Трајческа, производител на „Љубовна ракија – Ѕвончар“, Прилеп-Кавадарци.
Имено, во рамки на настанот кој се одржа на платото под прилепската градска саат кула за учесниците на „Млеко 2026“ организирани беа и панел-дискусии околу предизвиците за учевството на жени во руралните средини. Организирани беа детско катче со едукативни и креативни работилници за храна и природа, а целиот настан беше пропратен и со културно-уметничка програма за која се погрижија од КУД „Моминок“-Прилеп. Настанот беше пропратен и со традиционалната македонска староградска песна.
За Музика 24 од Прилеп известува: Христијан Ангелески


