Балканленд

Вечерва започнува 28-то издание на “Макфест”

Под мотото “Враќање на корените” вечерва во Домот на културата “Ацо Шопов” во Штип ќе биде отворено 28-то издание на фестивалот за забавни мелодии “Макфест”. Како што неодамна најавија организаторите, фестивалот оваа година ќе се одржи во две вечери и тоа вечерашната полуфинална каде ќе бидат изведени 25 песни од кои 18 ќе се пласираат во утрешното финале. Како и секогаш досега, така и оваа година, за песните освен публиката која ќе биде присутна, ќе одлучува и стручно жири.

Вечерва на макфестовската сцена со почеток во 20.30 ќе настапат познати музички имиња од македонската музичка сцена, а меѓу нив ќе ги вброиме: Кристина Арнаудова, Сања Лефкова, Маја Вуќичевиќ, Игор Митровиќ, Игор Шаревски… и голем број на други познати пејачи како и дебитанти и пејачи кои не се толку познати на јавноста.

Од Општина Штип, кои оваа година го превземаа организирањето на фестивалот, за Музика24 изјавија дека во ревијалниот дел вечерва свој настап ќе има холандскиот пејач Вил Нелеманс, додека пак утре на финалето, во ревијалниот дел ќе имаме можност да ги видиме бугарско-италијанското трио “Шаша”. Водител-домаќин и оваа година како и изминатите години ќе биде познатата и неповторлива Вера Јанковиќ.

Музичкиот портал Музика24 со дел од својата екипа ќе присуствува на “Макфест”. Следните два дена ќе Ве информираме, ќе известуваме, ќе имате можност да читате наши анализи и проценки и се разбира мнооогу интервјуа и ексклузивитети.

Подготви: Катерина Димиќ

Можеби ќе ве интересира: