Македонија официјално ја започна својата приказна за Детската Евровизија 2026. Младата и талентирана Ана Стојаноска ја промовираше песната „Идната јас“, со која на 24 октомври ќе ја претставува Македонија на престижниот детски музички фестивал што годинава ќе се одржи во Валета, Малта.
Истовремено со песната, Македонската радио-телевизија го објави и официјалниот видеоспот, а уште по првите часови од премиерата, композицијата добива бројни позитивни реакции од публиката и љубителите на Евровизија.
Зад „Идната јас“ стои проверен авторски тим. Музиката ја компонираше Никола Мицевски, еден од најреномираните македонски композитори, додека текстот е дело на Илчо Нечовски, музичар и член на популарниот бенд „Дупер“. Резултатот е современа песна која носи силна емоција, но и инспиративна порака за секое дете. Од Македонската радио-телевизија истакнуваат дека „Идната јас“ зборува за вербата во сопствените способности, храброста да се следат соништата и останувањето верен на себе, без разлика на предизвиците што ги носи растењето.
Ана Стојаноска беше избрана за македонски претставник по јавна аудиција, на која стручната комисија едногласно ги препозна нејзините вокални способности, сценската сигурност и големиот уметнички потенцијал.
На сцената во Малта нема да биде сама. Во настапот ќе ја придружуваат танчарките Калина, Каја и Елена, додека за сценскиот концепт и кореографијата е задолжен Илија Карадакоски. Македонската делегација на Детската Евровизија ќе ја предводи Дијана Гогова. Со објавувањето на „Идната јас“ започнува и официјалното евровизиско патување на македонскиот тим, кој ќе се обиде со впечатлив настап, силна порака и квалитетна музика достојно да ја претстави Македонија пред милионската европска публика.
Сега останува публиката да ја прифати песната, а Ана на 24 октомври во Валета да ја претвори оваа музичка приказна во незаборавен евровизиски момент.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
