Фестивали

Автори и изведувачи, време е за хумор: „Тумба Фест 2026“ бара нови македонски шегобијни песни

Фестивалот на македонска новосоздадена народна шегобијна песна „Тумба Фест 2026“ го објави конкурсот за нови композиции за своето четиринаесетто издание, кое ќе се одржи на 24-ти август 2026 година на градскиот плоштад во Куманово.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи да се пријават со свои нови и оригинални дела, кои со хумор, духовитост и народен мелос ќе ја продолжат традицијата на фестивалот. Конкурсот ќе биде отворен до 30-ти мај 2026 година, а пријавените композиции треба да бидат целосно нови и претходно неизведувани.

Според условите на конкурсот, еден автор на музика или текст може да учествува со најмногу две дела, додека еден автор на аранжман може да учествува со најмногу три аранжмани. Посебен белег на фестивалот е шегобијниот карактер на песните, а текстовите треба да бидат напишани на македонски јазик, по можност на кумановски дијалект. Во исклучителни случаи дозволени се и други македонски дијалекти, но задолжително со хумористична содржина.

Материјалите што се испраќаат треба да содржат:

  • текст на песната
  • демо снимка
  • наслов на композицијата
  • податоци за авторите (име, презиме и авторска улога)
  • контакт информации

Изборот на композициите што ќе бидат премиерно изведени на фестивалската сцена ќе го направи стручна селекциона комисија составена од Советот на фестивалот. Со авторите чии дела ќе бидат избрани, организаторот ќе склучи договор со кој ќе се регулираат правата за прво јавно изведување, радиодифузно емитување, аудио и видео снимање, како и објавување на интернет и YouTube платформите. По одржувањето на фестивалот, организаторот планира да издаде носач на звук и ДВД издание со песните од фестивалот. Авторите своите композиции треба да ги испратат на електронската адреса: [email protected], најдоцна до 30-ти мај 2026 година.

„Тумба Фест“ и оваа година ветува вечер исполнета со музика, смеа и добро расположение, а кумановската публика повторно ќе има можност да ужива во нови, духовити народни песни кои го слават македонскиот фолклор и хумор.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: