Во прв ред

Од сукало до сцена: „Зелникот на баба“ станува традиционална хит манифестација (Фото)

Македонија добива нова традиционална манифестација која ветува дека ќе стане вистински хит меѓу љубителите на традицијата, храната и добрата музика. Како што дознава музичкиот портал Музика24, на 21 март, Пробиштип ќе биде домаќин на првото издание на „Зелникот на баба“ – настан што на едно место ги спојува старите рецепти и народната песна.

Градскиот плоштад „Св. Гаврил Лесновски“ ќе се претвори во сцена каде што ќе мириса на тазе испечен зелник под вршник, а во воздухот ќе одекнуваат звуците на македонската фолк музика. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во вистински спектакл: демонстрации на традиционално сукање зелник, печење на отворено, избор на најдобра етно маса, но и возбудлив натпревар во брзо сукање – дисциплина која сигурно ќе донесе многу смеа и аплаузи.

Но, ова не е само гастрономски настан – музиката ќе игра главна улога. На сцената ќе настапат познати имиња од македонската фолк сцена како Блага Петреска, Смиља Митревска, како и Кате-Нели ти реков, а публиката може да очекува уште многу изненадувања и настапи од културно-уметнички друштва.

Целиот настан ќе биде во рацете на харизматичната водителка Ирена Спировска, која со својот препознатлив шарм ќе ја води публиката низ оваа богата програма.

„Зелникот на баба“ не е само фестивал – тоа е потсетник на корените, на семејните вредности и на вкусот што не се заборава. Настан кој ги обединува генерациите – од бабите со сукало во рака, до младите кои ја носат традицијата на нов начин. Ако сакате ден исполнет со вкус, музика и емоции – на 21 март, патот ве води во Пробиштип.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: