Од 9 до 11 октомври, Битола ќе стане центар на добрата храна, музиката и традицијата. На плоштадот „Магнолија“ ќе се одржи првото издание на „Чкембе фест“, фестивал кој има јасна визија – да прерасне во препознатлив гастрономски, туристички и културен бренд не само на Битола, туку и на Македонија.
Со особена чест, Музика24 е еден од официјалните медиумски покровители и медиа партнери на ова историско прво издание. Некој можеби ќе праша – што бара еден музички портал на фестивал посветен на чкембе чорбата?
Одговорот е едноставен.
Најдобрите приказни секогаш започнуваат со добра музика, продолжуваат со вкусна храна и остануваат запаметени по убавата атмосфера и насмевките. Токму тоа е идејата на „Чкембе фест“ – да ги обедини луѓето околу македонската традиција, автентичната гастрономија и богатата музичка сцена. Во текот на трите фестивалски дена посетителите ќе можат да дегустираат различни варијанти на чкембе чорба подготвена според традиционални рецепти, да присуствуваат на гастрономски презентации, натпревари и кулинарски демонстрации, но и да уживаат во богата понуда на македонски специјалитети.
Сепак, фестивалот нема да биде само гастрономско доживување.
Организаторите подготвија и разновидна културно-забавна програма, во која ќе настапат бројни музичари, вокални солисти, фолклорни ансамбли, играорни групи, хорови и културно-уметнички друштва од Битола и од цела Македонија.
Музичко-културно забавна програма за Петок – 9 октомври 2026 година:
Свеченото отворање започнува во 18:00 часот, а сцената ќе ја исполнат:
• Анета Љумаковска и „Анета Бенд“,
• Група „Оскар“,
• Татјана Стефановска,
• Дона Петрова,
• Сара Петровска,
• Јорде Босилковски,
• Ема Јовановска,
• Ташко Каранфиловски,
• Јове Николовски,
• Марко Трпчевски,
• Деан Ѓорѓиовски,
• Ирена Димовска-Митревска и
• Кице Стефановски
Ќе настапат и Фолклорниот ансамбл „Битола“, играорната група и хорот при Државното музичко училиште – Битола.
Музичко-културно забавна програма за Сабота – 10 октомври 2026 година:
Програмата продолжува од 10:30 часот со настапи на:
- КУД „Илинден“ – Битола,
- КУД „Етно Илинден“,
- Играорната група „Весели пензионери“,
- ЗП Прилеп,
- ЗП Демир Хисар,
- Вокалната група „Сирма Војвода“,
- Владе и Тајфата и
- Стендап комичарот Александар Георгиев

Во текот на денот ќе следуваат дополнителни гастрономски и културни содржини, презентации и дружења за посетители од сите генерации. „Чкембе фест“ не е само фестивал на едно традиционално јадење. Тој е прослава на битолскиот дух, македонската кујна, музиката, културата и дружењето.
Од 9 до 11 октомври, сите патишта водат кон Битола.
А Музика24 ќе биде таму за одблиску да ви ја пренесе целата атмосфера, најинтересните моменти и музичките случувања од првото издание на фестивалот кој има потенцијал да стане една од најубавите есенски традиции во Македонија.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
