Во прв ред

Влатко Стефановски со „пријателите“ на акустична магија во Македонската филхармонија

Македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски на 17 декември, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт во Филхармонијата во Скопје, насловен „Стефановски и пријателите – акустична вечер“.

Како што најавува продукцијата „Мјузик тајм“, публиката ќе има можност да ужива во поинакво музичко доживување, во кое Стефановски ќе настапи заедно со свои долгогодишни музички соработници и пријатели, претставувајќи ги своите композиции во акустичен аранжман. Концертот ветува интимна атмосфера, виртуозна изведба и вечер исполнета со врвна музика.

Овој концерт доаѓа по исклучително активен период за еден од најзначајните македонски музичари. Неодамна Стефановски настапи на отворањето на 35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, каде што покажа дека музиката може да биде и хуман гест. Средствата што Општина Кочани ги обезбеди за неговиот настап, тој одлучи да ги донира во хуманитарни цели.

Претходно, на 3 октомври, Влатко Стефановски со своето трио настапи во Пловдив, Бугарија, како дел од јубилејното десетто издание на меѓународниот гитарски фестивал „ГитарАрт“, каде повторно ја потврди својата репутација на еден од најценетите гитаристи во регионот. Во мај годинава, пак, во Скопје ги промовираше и своите два нови албума, објавени под етикетата на „Кроација рекордс“, со што уште еднаш потврди дека и по повеќе од четири децении кариера останува креативен, продуктивен и постојано насочен кон нови музички предизвици.

Концертот „Стефановски и пријателите – акустична вечер“ се очекува да биде едно од најзначајните музички случувања во декември, а љубителите на неговата музика ќе имаат можност да ги слушнат безвременските композиции во поинакво, топло и акустично издание.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: