Фестивали

Ексклузивно за Музика24: Градоначалникот на Прилеп Дејан Продановски вели – „Ова е само почеток“ (Фото)

23-то издание на Пивофест официјално е затворено. Поминаа три фестивалски вечери исполнети со музика, илјадници посетители, одлична атмосфера и незаборавни моменти остануваат зад нас, а завесата симболично ја спушти спектакуларниот настап на Јелена Розга.

    Но, додека се сумираат впечатоците од годинашното издание, веќе започнуваат размислувањата за следното. До новото фестивалско 24-то издание на Пивофест остануваат нови 365 дена исполнети со идеи, организација, предизвици и посветена работа, со една јасна цел – фестивалот од година во година да биде уште подобар.

    По завршувањето на фестивалот, екипата на музичкиот портал Музика24 разговараше со градоначалникот на Прилеп, г. Дејан Продановски. Во ексклузивното интервју тој ги споделува своите впечатоци од 23. издание, зборува за успешната организација, посетеноста, значењето на Пивофест за Прилеп и открива какви се очекувањата и плановите за иднината. Што порача градоначалникот по завршувањето на уште едно успешно фестивалско поглавје и каква е неговата визија за Пивофест во годините што следуваат – прочитајте во ексклузивното интервју кое следува во продолжение.

    Музика24: Помина уште едно успешно издание на Пивофест – манифестација која со години важи за еден од најголемите фестивали на пиво, музика и гастрономија во Македонија и регионот. За Вас ова беше прво издание како градоначалник на Општина Прилеп. Како ја оценувате организацијата и целокупниот тек на фестивалот? Дали ги исполни Вашите очекувања и што, според Вас, беше најголемиот успех на овогодинешниот Пивофест?

    Дејан Проданоски – градоначалник на Прилеп: Јас лично сум презадоволен од она што се случи во изминатите три фестивалски дена во Прилеп. Според моите лични проценки, повеќе од 40.000 илјади луѓе продефилираа овде на фестивалот. Сметам дека изведувачите беа одбрани по сечиј вкус, задоволени се сите вкусови – народни изведувачи, изведувачи од Балканот, алтернативна сцена, се за вкусот на моите прилепчани мислам дека ова е одлично да покажеме дека фестивалот на пивото во Прилеп повторно си го враќа својот сјај и дека догодина ќе имаме уште поуспешен фестивал од овој годинава.

    Музика24: Веќе од утре ќе започнете со сумирање на впечатоците од овогодинешното издание на Пивофест, но сигурно паралелно ќе започнат и подготовките за следното, 24-то фестивалско издание. Што можете уште сега да ни најавите? Може ли публиката да очекува нови содржини, концепти, поголеми музички имиња или некои други изненадувања што ќе го направат следниот Пивофест уште поспектакуларен?

    Дејан Проданоски – градоначалник на Прилеп: Да најавам дека Прилеп не застанува тука со фестивалот. Продолжуваме во текот на цел месец август. Од наредниот четврток продолжуваме со програмата Од нула до култура, почнуваме со првите викенди во август со нова програма, со нови фестивали – цел месец. Веќе од 5-ти септември ќе започнеме со организација на Новогодишниот базар кој што го имавме и минатата година, а паралелно ќе се договараме со нови музички изведувачи кои што ќе бидат по вкусот на моите прилепчани за следното 24-то издание во 2027-ма година на третиот викенд во јули после големиот христијански празник Петровден и верувам дека ќе понудиме уште подобра забава и уште подобри изведувачи од овие годинава што ги имавме.

    Музика24: Дали имате планови за следната година да го надградите фестивалот – дополнителни инвестиции и нешто повеќе што би го подобрило самиот концепт на фестивалот?

    Дејан Проданоски – градоначалник на Прилеп: Од она што годинава како недостатоци ги видовме, се дека ни треба комплетна реорганизација на плоштадот Александрија овде во градот, и мислам дека наредната 2027-ма година се до отпочнувањето на новото фестивалско издание на иво фестивалот ќе имаме ново руво ако може така да се каже на плоштадот Александија за да го прошириме просторот, да имаме повеќе простор за сите посетители – сите да се чуствуваат испочитувано, односно, да бидат што е можно поблиску до големата сцена. Се надевам дека нема генерални забелешки од она што се случуваше на 23-то издание и дека не направивме некоја посериозна грешка и за сите ненамерни грешки кои што се случиле кон било кој посетител еве ја користам приликата да се извинам. Сметам дека се помина во најдобар ред, безбедноста во ниту еден случај не беше прекршена мислам дека ниту еден инцидент не се случи и сметам дека ова е исклучително одлична организација. За догодина, само да откријам ексклузивно, би понудиле плус содржини кои што треба да ги пополнат дневните активности за време на фестивалот, а вечерната програма генерално би останала иста.

    Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

    Можеби ќе ве интересира: