Фестивали

Пивофест 2026 стави спектакуларен печат: Јелена Розга го претвори Прилеп во најголемата балканска музичка сцена (Фото)

Со спектакуларна завршница, преполни улици, илјадници посетители и незаборавна музичка атмосфера, вчера вечер недела 19-ти јули успешно беше заокружено 23. издание на фестивалот на пивото и скарата – „Пивофест“ во Прилеп.

Уште од раните попладневни часови централното градско подрачје беше исполнето со гости од сите делови на Македонија, но и со бројни посетители од странство. На секој чекор се чувствуваше препознатливиот мирис на прочуената прилепска скара, а чашите со ладно пиво беа неизбежен дел од фестивалската атмосфера. И покрај високите температури, доброто расположение не стивнуваше.

Како акредитирана екипа на музичкиот портал Музика24, имавме можност да присуствуваме и на традиционалниот заеднички ручек со градоначалникот на општина Прилеп, г. Дејан Проданоски. Во пријатна и опуштена атмосфера разговорите не беа формални. Новинарите не беа само новинари, а градоначалникот не беше само градоначалник – сите разговаравме како пријатели, разменувавме впечатоци, идеи и интересни моменти поврзани со фестивалот и секојдневниот живот. Градоначалникот Проданоски наздрави за успешното издание на „Пивофест“ и им се заблагодари на сите медиуми кои и оваа година професионално го следеа фестивалот, истакнувајќи дека токму медиумите имаат значајна улога во промоцијата на оваа долгогодишна манифестација.

По краткиот одмор и полнењето на батериите, вечерната програма започна во 20.30 часот со настапот на македонскиот фолк-пејач Марјан Коцев, кој со своите добро познати хитови уште од самиот старт ја крена атмосферата меѓу публиката. Веднаш по него сцената ја презеде прилепскиот бенд „The Hounds“, кој понуди одлична комбинација од сопствени авторски песни, како и добро познати рок и забавни хитови од домашната, регионалната и светската музичка сцена. Публиката пееше и танцуваше од почеток до крај.

Кулминацијата на вечерта беше резервирана за една од најголемите регионални музички ѕвезди – Јелена Розга. Интересот за нејзиниот настап беше огромен. Центарот на Прилеп беше преполн, а улиците едноставно беа претесни да ги соберат сите посетители кои сакаа да бидат дел од големото финале на „Пивофест“.

Иако вообичаена практика беше сите изведувачи пред настапите да одвојат време за кратки изјави за акредитираните медиуми, овојпат тоа не се случи. Од засега непознати причини, Јелена Розга не даде изјави, а обезбедувањето не дозволи пристап до пејачката, и покрај тоа што новинарските екипи поседуваа уредни прес-акредитации. Сметаме дека ова беше единствената мала забелешка на годинашното издание и се надеваме дека во иднина комуникацијата со медиумите ќе биде подобро организирана.

Без разлика на тоа, концертот што следеше ги оправда сите очекувања. Со првите акорди на безвременскиот хит „Бижутерија“, Розга ја воодушеви публиката и ја отвори вечерта на спектакуларен начин. Потоа следуваа бројни хитови од нејзината богата кариера, кои публиката ги пееше во еден глас. Во текот на концертот таа неколкупати се симна меѓу публиката, се фотографираше со своите обожаватели и создаде блиска комуникација со присутните, што дополнително придонесе за незаборавната атмосфера. На едно од обраќањата потсети дека по пауза од 12 години повторно настапува на „Пивофест“ во Прилеп и истакна дека со задоволство се врати пред прилепската публика.

Розга го искористи концертот и за да го најави својот голем настап на 29 јули на Античкиот театар во Охрид, каде што повторно ќе се сретне со македонската публика.

По три фестивалски денови исполнети со музика, добра храна, ладно пиво и позитивна енергија, може слободно да се каже дека „Пивофест“ оваа година направи значителен чекор напред. Организацијата беше на високо ниво, музичката програма привлече бројна публика, а Прилеп уште еднаш покажа дека знае како се организира голем фестивал.

Впечатокот е дека полека, но сигурно, се враќа препознатливиот фестивалски сјај по кој „Пивофест“ во Прилеп со години беше препознатлив не само во Македонија, туку и пошироко.

На крај, упатуваме искрена благодарност до Општина Прилеп, до ПР-службата предводена од Влатко Петкоски, како и до градоначалникот Дејан Проданоски и неговиот тим за гостопримството, професионалната организација и одличната соработка со медиумите.

„Пивофест“ заврши, но спомените ќе останат уште долго. До следното 24-то издание – слушајте македонска музика, поддржувајте ги домашните фестивали и уживајте во секој убав момент што го носи животот.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24/Инстаграм

Можеби ќе ве интересира: