Фестивали

Фолк Фест Валандово 2026 со Награда за животно дело за Блага Петреска доајенот на народната музика

Постојат гласови што не стареат. Гласови што не се само музика, туку спомен, емоција и дел од колективната душа на еден народ. Токму таков е гласот на Блага Петреска – уметница која со децении достоинствено ја носи македонската народна песна и која годинава ќе ја добие Наградата за животно дело на Фолк Фест Валандово.

Во пресрет на 39-тото издание на најреномираниот македонски фестивал за новокомпонирана народна музика, фестивалот ѝ оддава признание на жена чиј музички пат е испишан со искреност, талент и безвременски песни што останаа длабоко врежани во народот.„Ти ме предаде“, „Заљуби се“ и „Пеам да не заплачам“ не се само хитови. Тие се песни што живеат меѓу луѓето, песни што се пеат на семејни собири, во кафеани, на веселби и во мигови кога емоцијата зборува погласно од зборовите. Со својот препознатлив вокал и ненаметлива, а силна интерпретација, Блага Петреска создаде музичко наследство кое трае и денес.

Директорот на фестивалот, Горјан Стојановски, истакна дека ова признание е сосема заслужено, бидејќи Блага Петреска е еден од најголемите симболи на македонската народна песна и уметница која оставила неизбришлива трага токму на валандовската сцена.

Нејзината приказна не е изградена само врз талент, туку и врз образование, дисциплина и долгогодишна посветеност на музиката. Завршила нижо музичко училиште во Прилеп, средно музичко образование и Виша педагошка академија во Скопје. Работела како наставник по музика, а дури три и пол децении била член на хорот при операта на Македонски народен театар. Во историјата на Фолк Фест Валандово, нејзиното име е запишано со посебни букви. Во 1987 година, со песната „Заљуби се“, ја освои првата награда од публиката – признание што најсилно сведочи за љубовта што публиката ја чувствувала кон нејзината песна. Во 2022 година фестивалот ѝ ја додели и Наградата за трајни вредности, а годинава признанието добива уште поголема тежина со Наградата за животно дело.

Блага Петреска припаѓа на генерацијата уметници кои не ја освојуваа публиката со сензационализам, туку со глас, достоинство и вистинска емоција. Нејзините интерпретации отсекогаш носеа мера, топлина и искреност – вредности што денес се сè поретки, а токму затоа и бескрајно вредни.

Под слоганот „Да ни е жива песната македонска“, Фолк Фест Валандово ќе се одржи на 26 и 27 мај 2026 година, носејќи две вечери исполнети со традиција, емоција и нови музички приказни.

Големата фестивалска вечер ќе се одржи вечерва на 27 мај во салата „Јанко Узунов“ во Валандово, каде ќе бидат изведени 20 нови композиции под музичко водство на Илчо Јованов. Директниот пренос ќе се емитува на МТВ 1 од 20:30 часот.

Оваа награда не е само признание за една блескава кариера. Таа е благодарност за сите песни што останаа меѓу народот, за сите емоции што ги разбуди нејзиниот глас и за трајниот белег што Блага Петреска го остави во македонската музика. Зашто некои уметници не се само дел од сцената – тие стануваат дел од идентитетот на еден народ.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: