Фестивали

“Фолк фест Валандово” ревијалниот дел го посвети на прерано починатиот македонски виртуозен хармоникаш и музички творец Милан Завков (Видео)

Зад нас е веќе 36-то издание на “Фолк фест Валандово”, а се уште се свежи хитовите кои беа отпеани на фестивалската сцена. Сите ние кој бевме дел од овој музички фестивал имаме свој одреден фаворит, и спомени на кои ќе се сеќаваме цел живот, а еден од нив е и незаборавниот ревијален дел што се одржа во фестивалската сала “Јанко Узунов” за време на гласањето на присутната публика.

Милан Завков на сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

Во ревијалниот дел, повеќето од музичките имиња кои настапија на “Фолк фест Валандово” излегоа на фестивалската сцена и секој од нив отпеа дел, рефрен или строфа од веќе споменатите хит песни дело на Завков.

Како тоа изгледаше и звучеше со оркестарот во живо, погледнете во продолжение и уживајте во 29 минути музика создадена од Милан Завков:

Подготви: Иван Јосимовски

Видео: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: