Фестивали

И после дванаесет години без Дуле: „Виолина и гитара“ останува бесмртен евергрин (Фото+Видео)

На денешен ден, пред точно дванаесет години, замина Душан „Дуле“ Љубисављевиќ – пејачот од култното поп-дуо „Дуле и Коки“, кој со својот препознатлив глас остави длабок белег во македонската музика.

Кариерата на Дуле заедно со Никола Јанков – Коки започна како сензација на „Макфест 1996“, кога со песната „Виолина и гитара“ ја освоија првата награда. Композицијата стана моментален хит и брзо се претвори во евергрин што со години ја одржува својата свежина – химна на прослави, свадби и сите моменти кога музиката е симбол на радост.

По тој успех, дуото продолжи со хитови како „Мене место не ме фаќа“, „Марама“ и уште многу други, со што ја зацврстија својата позиција меѓу најпопуларните македонски изведувачи од 90-тите години.

Сепак, зад сцената, животот на Дуле заврши прерано и трагично. На 23 септември 2013 година, тој почина на само 39 години. Дури години подоцна јавноста дозна за неговата тајна битка со рак на дебелото црево – болест што ја криел и од најблиските, со желба да ги поштеди од болка. Неговиот благороден карактер и скромноста уште еднаш беа потврдени преку оваа тивка и храбра борба.

Сеќавањето на Дуле е и носталгија за една златна ера на македонската поп-музика – време кога фестивалите создаваа ѕвезди, а песните беа исполнети со романтика и искреност. И иако него го нема, музиката што ја создаде живее. „Виолина и гитара“ останува вечен симбол на неговиот талент и најубавата потврда дека вистинската уметност никогаш не умира.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: